Западен Балкан ќе биде прв приоритет на австриското претседавање со ЕУ

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, на пленарната седница на Европскиот Парламент ги презентираше приоритетите на австриското претседавање со ЕУ, кое почна на 1 јули и ќе трае до 31 декември 2018 година, нагаласувајќи дека Западниот Балкан ќе биде на врвот на листата.

„Европскиот проект ќе биде целосен само кога Западниот Балкан ќе и припаѓа на нашата заедница на нации“, изјави Курц.

Тој посочи дека земјите од Западниот Балкан „не само што имаат европска перспектива која ја заслужија, туку заслужија и членство во ЕУ, и затоа го поддржуваме процесот на пристапување“.

„Воодушевен сум што спорот за името конечно се реши и што Албанија и Македонија се сега во позиција да отворат преговори, иако сакавме побрз процес“, рече австрискиот канцелар.