Грчки медиуми: Европско ДА за ПЈРМ, но и кочница од Франција

И покрај приговорите од Франција, Данска и Холандија, за да не се даде зелено светло за пристапни преговори за Албанија и поранешната југословенска Република Македонија, советот за општи прашања на ЕУ постигна договор „да се отвори патот за пристапени преговори“ во јуни 2019, објави Јуро-њуз на грчки јазик.

Текстовите за вчерашната одлука на ЕУ за Македонија и за Албанија е меѓу главните теми денеска во грчките медиуми.

„Советот за општи работи на ЕУ го поздрави Договорот од Преспа“; „Преговори за интеграција по евроизборите во 2019“; „ДА со услови за Албанија и Скопје за пристапни преговори“; „ЕУ: Зелено светло за ПЈРМ-Албанија, но од 2019“; „ПЈРМ и Албанија започнуваат преговори за интеграција во ЕУ“; „Кочница од Франција и Холандија за ПЈРМ“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.

Грчката новинска агенција АНА-МПА акцентот го става на позитивниот коментар на советот за општи прашања за Договорот од Преспа, ги пренесува заклучоците, како и изјавата на Захариева.

Според грчките медиуми, министерот за надворешни работи на Грција бил еден од најгласните поддржувачи, Македонија и Албанија да добијат датум за почеток на пристапни преговори со унијата.

„И покрај особено големите напори на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој ги импресионираше неговите колеги со страста и упорноста што ги покажа за да ги презентира придобивките што би постоеле ако веднаш започнат пристапните преговори со ПЈРМ, Франција, Холандија и Данска не прифатија да започне процесот“, пишува „Катимерини“.