Турција ќе гради и трета нуклеарна централа

Во Турција веќе се гради нуклеарната централа „Аккуји“, а се реализира и проектот за изградба и на централата „Синоп“

Турција планира да изгради и трета нуклеарна централа, најави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Во Турција веќе се гради нуклеарната централа „Аккуји“, а во тек е реализација на проектот за изградба и на нуклеарката „Синоп“.

„Нема да се ограничиме само на проектот за 'Аккуји'. Ќе изградиме и трета нуклеарна централа. Нуклеарната централа 'Аккуји' ќе може да покрие 10 проценти од нашите потреби за енергија. Откако ќе биде пуштена во употреба и нуклеарната централа 'Синоп', ќе можеме да задоволиме уште поголем дел од нашите потреби за енергија“, изјави Ердоган.

Како што јави новинаската агенција Анадолија, турскиот претседател нагласил дека Турција планира да гради нуклеарки и со сопствени потенцијали.