Почна спроведувањето на Договорот, Земјотрес во Јапонија, Уапсен директорот на Ауди...

МАКЕДОНИЈА - Откако Владата го усвои предлог законот за ратификација на договорот за името, тој влегува во собраниска процедура. Иако за негово усвојување е потребно обично мнозинство, од ВМРО-ДПМНЕ, кои се против договорот, најавуваат преземање мерки за да се спречи негова реализација.

МАКЕДОНИЈА - Хелсиншкиот комитет за човекови права, осудувајќи ги инцидентите пред Собранието, оценува дека граѓаните кои беа дел од протестот пред Собранието против Договорот за името, извршиле насилни дејствија кон полицајците, а полицијата, пак, прекумерно употребила хемиски средства кон демонстрантите.

МАКЕДОНИЈА - Прашањето за тоа кој ги организира протестите го поттикна појавувањето на Јанко Бачев од про-руската партија Единствена Македонија кој го вееше знамето на руската федерација, заедно со знамето со сонцето со шеснаесет краци од Кутлеш. Од Руската амбасада во Скопје велат дека тие никому не дале дозвола за користење на нивното знаме, но и дека не можат да контролираат кој и каде ќе ги употребува нивните симболи.

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот Кочо Анѓушев соопшти дека грчкиот нафтен гигант Хеленик петролеум иницирал, а Владата ќе прифати средба и ќе преговара за нафтоводот кон Грција.

МАКЕДОНИЈА - Основниот суд Скопје 1 изрече уште две затворски пресуди за упад и насилничко однесување во Собранието на 27 април 2017 година. За насилство врз премиерот Зоран Заев затворска казна од една година и три месеци добил Васко Цунгаревски, кој ја признал вината, а за закани до пратеникот Артан Груби осуден е Димитар Поповски, кој добил условна двегодишна казна.

ГРЦИЈА - Бранејќи го Договор за името со Македонија, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас ја критикуваше опозициската Неа демократиа, го повтори неговиот став дека опозициските партии и во двете земји имаат идентични позиции и додаде дека Неа демократиа функционира како партиски огранок на ВМРО-ДПМНЕ во Атина.

ЈАПОНИЈА - Едно 8-годишно девојче и двајца 80-годишни Јапонци загинале, а над 300 се повредени во силниот земјотрес што го погоди јапонскиот град Осака. Земјотресот, кој бил со сила од 6,1 степени, урнал делумно неколку згради и го нарушил сообраќајот во градот. Властите јавија дека нуклеарните реактори во регионот не биле оштетени и оти немало опасност од цунами.

ТУРЦИЈА - Кандидатот на претседателските избори во Турција, прокурдскиот лидер Селахатин Демирта, во својот говор од затвор, ги повика гласачите на денот на претседателските и парламентарни избори на 24 јуни, да го запрат режимот на еден човек, претседателот Реџеп Таип Ердоган. 

СИРИЈА - Најмалку 40 војници лојални на сириската влада загинале во воздушните напади изведени во источниот дел на Сирија, во близина на границата со Ирак, соопштија набљудувачките организации.

КОСОВО - Амбасадите на САД и на Германија велат дека за трансформација на Косовските безбедносни сили во Косовски вооружени сили се неопходни уставни измени, објави косовскиот весник Зери.

ХОЛАНДИЈА - Возачот, кој со комби влета во голема група посетители на концерт во Холандија, при што едно лице загинало, а тројца биле повредени, ѝ се предал на полицијата во Амстердам. Се истражуваат причините за настанот.

ГЕРМАНИЈА - Руперт Штадлер, директорот на автомобилскиот гигант Ауди, бил уапсен во Германија во истрагата за аферата наречена Дизелгејт, потврди портпаролот на компанијата Фолксваген.