Владата го демантира грчкиот нон-пејпер

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави денеска дека грчкиот нон-пејпер е интерпретација на договорот за името

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека нон-пејперот од договорот за решавање на спорот за името помеѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, што се појави во грчката јавност, е интерпретација и не соодветствува со оригиналните членови на договорот.

„Во основата на договорот е утврдено како Грција го толкува и поимува терминот Македонија. И тие го имаат прифатено тоа како ние како Македонија го поимуваме и толкуваме терминот Македонија. Се прави јасна дистинкција меѓу тоа што за нив значи Македонија и тоа е прифатливо за нас, и што тоа значи за нас Македонија и тоа е прифатливо за нив“, рече Бошњаковски.

Тој повтори дека ние го задржуваме правото да се именуваме како Македонци.

„Договорот предвидува превод на името Република Северна Македонија на сите јазици. Договорот не предвидува транскрипција на латиничен алфабет на името Република Северна Македонија. Меѓу другото и тоа стоеше во тој документ, што не е точно. Со договорот се зачувува македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Нема да постои фуснота во ОН. Во договорот постои член, што е научен факт, дека македонскиот јазик припаѓа во групата на јужнословенски јазици“, рече Бошњаковски.

Според него, државните симболи, химната, знамето и грбот остануваат исти.

„Граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци за менување на патните исправи и други документи. Тие ќе се менуваат кога ќе истече нивната важност“, додаде Бошњаковски.