Името договорено, Русија сака да го решава косовскиот проблем, Трамп и Ким задоволни...

МАКЕДОНИЈА - Република Северна Македонија за севкупна употреба, кое ќе се прецизира со амандман во уставот. Јазикот ќе биде македонски или на англиски Macedonian без фуснота, националноста македонска/граѓани на Република Северна Македонија или на англиски Macedonian/citizens of Republic of North Macedonia. Ова е договорот што е постигнат со Грција како решение на прашањето за името, а кој го соопшти премиерот Зоран Заев.

СИНГАПУР - Претседателот на САД Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун, самитот го оценија како многу успешен. Најавија дека наскоро ќе има и нови преговори и дека ќе почне денуклеаризацијата на Северна Кореја.

СРБИЈА / КОСОВО / РУСИЈА - Александар Чепурин, рускиот амбасадор во Белград, во авторскиот текст за весникот Политика, напиша дека постои можност Русија уште подлабоко се вклучи во решавањето на косовскиот проблем, доколку се појават такви предлози и дека Косово е Србија. 

РУСИЈА - Полицијата во рускиот град Владивосток го прекина основачкиот собир на регионалниот огранок на граѓанските групи основани од политичкиот непријател на Кремљ, Михаил Ходорковски, и при тоа уапси неколку активисти, соопшти движењето Отворена Русија.

ТУРЦИЈА / ИРАК - Турскиот министер за одбрана, Нуретин Џаникли, изјави дека турските сили ќе останат во северен Ирак се додека не бидат отсранети сите терористички групи.

КОСОВО - Комби возило, под засега неутврдени околности, излетало од патот и влетало во продавница во Приштина, при што се повредени девет лица.

АВГАНИСТАН - Талибанците убиле најмалку 14 припадници на безбедносните сили во Авганистан во нападот што се случил во областа Сајад во северната провинција Сар-е-Пул, објави локален офицер, а пренесе агенцијата Асошиејтед прес.

РУСИЈА - Единаесет луѓе загинале при судирот на едрилица катамеран со товарен брод на реката Волга, во близина на рускиот град Волгоград.