Над 20 загинати во два напади на талибанците во Авганистан

Најмалку 15 припадници на авганистанските безбедносни сили беа убиени утрово, во напад на талибанските милитанти во северната провинција Кундуз, објави агенцијата Аошиејтед прес, повикувајќи се на информациите од локалните власти.

Амилдах Ајадин, член на провинцискиот совет, изјави дека нападот во квартот Кала-ел се случил кога војниците се собрале за појадок, при што загинале 10 војници и пет полицајци.

Речиси во исто време, во источната провинција Газни, бомба поставена покрај пат експлодирала кога поминувал минибус, при што биле убиени шест лица.

Според Ариф Нори, портпарол на провинцискиот гувернер, меѓу загинатите имало и жени и деца, а три лица биле повредени.

Одговорноста за нападите ја презеле талибанските борци.