Протести во Грција за „грчкиот карактер на Македонија“

Пораката дека Македонија е една и грчка, планираат да ја испратат граѓаните кои денеска ќе учествуваат на протестите за „грчкиот карактер на Македонија“ што организирано и паралелно ќе се одржат во 13 градови од Северна Грција, според изјавите на организаторите за грчките медиуми. Тие ги повикуваат Грците, без партиски, туку со грчки знамиња масовно да учествуваат во демонстрациите.

Вечер, во 19.30 часот, „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организира протести во Пела, Кавала, Драма, Серес, Кукуш, Поликастро, Воден, Лерин, Костур, Птолемаида, Катерини, Лагадас и туристичкото место Неа Мудања на Халкидики.

Според грчките медиуми, независно од Комитетот, и во осум други градови низ Грција, самоиницијативно ќе се одржат протести.

Во многу градови, јавува дописничката на МИА од Атина, демонстрациите се поддржани од локалната самоуправа, од градоначалниците, но и од митрополитите, а планиран е и организиран превоз од села и градови до плоштадите каде што ќе се одржат протестите.