Коѕијас: Грчката црква подобро да не се меша во прашањето за името

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, во интервју за ЕРТ, говорејќи за црковниот аспект на прашањето и ставот на Грчката православна црква, одговори дека името не е работа на Светиот синод на ГПЦ и добро би било да не се меша.

„Како граѓани ги засега, но како институција не е нивно прашање“, рече Коѕијас.

„Дали ќе се признае автокефалност или било што друго на една црква е прашање на Вселенската патријаршија, не е тема на Светиот синод на црквата на Грција. Штом е почнато решавање на прашањето добро е да не се мешаат и нека остават да се реши, а уште подобро би било да го поддржат ова решение“, рече Коѕијас и откри дека преговорите меѓу МПЦ и Вселенската патријаршија траат една година.

Коѕијас рече дека Вселенската патријаршија разговара за признавање на Македонската православна црква под името Охридска архиепископија.