Тактика или кочница за името, Русија и Србија на заедничка вежба, Мундијалски безвизен режим...

МАКЕДОНИЈА - Се уште нема најава кога би се одржал телефонски разговор меѓу премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас. Аналитичарите оценуваат дека не станува збор за голем застој во преговорите за името, туку повеќе за давање време во кое ќе се убедат опозициите во двете земји за решението.

МАКЕДОНИЈА - Времето на тефтерчиња и судии од тефтерчиња заврши. Мојата заложба ќе биде судството да го направиме независно и немам намера да се мешам, изјави министерката за правда Рената Дескоска, прашана за писмото од поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, во кое се обраќа за повреда на нејзините права во судењето за предмет на СЈО.

МАКЕДОНИЈА - Во тетовското село Ларце припадници на МВР застрелале едно лице при обид за негово приведување, откако тоа пружило отпор и фрлило рачна бомба кон полицајците, соопшти МВР.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин би можел да се состане со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во септември оваа година, веројатно во Владивосток, објави новинаската агенција „Ројтерс“, повикувајќи се на руската „РИА новости“.

СЛОВЕНИЈА - Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека ќе му даде мандат за формирање влада на десничарскиот опозициски лидер, чија партија освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори. Другите партии кои успеаја да влезат во 90-члениот парламент, ја исклучија можноста да коалицираат со Јанша поради неговите екстремистички ставови. 

СРБИЈА / РУСИЈА - Во август ќе се одржи заедничка воена вежба на Руската Федерација и Србија, објави командантот на војските на Западната воена област генерал Андреј Картполов.

ГВАТЕМАЛА - Билансот на жртви од ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала се искачи на 25, објавија западните новински агенции. Во најголемата ерупција на вулкан во последната деценија во Гватемала повредени се стотици луѓе и причинета е голема материјална штета.

ТУРЦИЈА - Идниот претседател на Турција ќе биде избран во вториот круг од претседателските избори, што би се одржал на 8 јули, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата Консензус, чии прогнози за исходот од ланскиот уставен референдум во земјата се покажаа како најточни.

РУСИЈА - Русија од денеска воведува безвизен режим за сите странски државјани кои ќе дојдат да присуствуваат на фудбалскиот Мундијал. Заинтересираните навивачи ќе можат да го користат првото на повеќекратен безвизен влез во Русија од 4 јуни до 25 јули кога ќе треба да ја напуштат земјата.