Девет години затвор за „Триста“, Руски закон за непријателски држави, Првпат жена на чело на најголемата светска берза...

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски е виновен за злоупотреба на службена положба и овластување и доби казна затвор од девет години, пресуди Кривичниот суд по случајот Триста на СЈО.

МАКЕДОНИЈА - Укажувачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, кои ги обезбедија т.н. бомби на СДСМ, се влезени во петте номинирани за добивање на наградата за заштита на укажувањето и правото на информирање што годинава првпат ја доделува Европскиот Парламент во чест на новинарката Дефне Каруана Галиција што беше убиена во експлозија во Малта. Меѓу номинираните е и основачот на Викиликс - Џулијан Асанж.

МАКЕДОНИЈА - Имавме стабилен курс на денарот и стабилен банкарски систем, што бележеше раст и развој, и ниска каматна стапка, што достигна историски најниско ниво, го оцени Димитар Богов својот 7-годишен мандат како гувернер на Народната банка на Република Македонија, на предавањето на функцијата на неговата наследничка Анита Ангеловска - Бежоска.

ГРЦИЈА / САД / МАКЕДОНИЈА - Грција ја поддржува потребата да се прифати име од предлозите на Нимиц, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас по средбата во Вашингтон со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

РУСИЈА - Руската Државна дума го усвои Законот за контрасанкции против САД и други земји, кои се оквалификувани како непријателски.

ФРАНЦИЈА - Нападот во Марсеј, кога маскирани луѓе отвориле оган од автоматски пушки калашњиков и раниле едно лице, не бил терористички чин, јавуваат светските новински агенции, повикувајќи се извори во полицијата во тој француски град.

ИРАН - Иран и другите потписнички на нуклеарната спогодба оценија дека новите услови што Вашингтон му ги постави на Техеран нема да донесат поголема безбедност во регионот. Претходно американскиот државен секретар Мајк Помпео најави најстроги санкции врз иранскиот режим.

САД - Стејси Канингем е првата жена која застанува на чело на Њујоршката берза. Таа ќе го замени Томас Фарли кој заминува да биде директор на инвестициската компанија Фар Поинт.

ТУРЦИЈА - Турција ќе ги ревидира економските односи со Израел по претстојните избори на 24 јуни, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, откако Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) одлучи да воведе ембарго за израелските производи.

САД - Белата куќа изработи специјална монета за претстојната историска средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун.