Заев е за лидерска, Иванов бара извештај за името, Израел слави за американската амбасада...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека стои на располагање за лидерска средба. Тој одговарајќи на новинарско прашање истакна и дека за одржување на лидерска средба треба сите учесници да бидат во земјата, а претседателот Ѓорѓе Иванов е во посета на Турција, додека министерот за надворешни работи Никола Димитров е во Хаг.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Ѓорге Иванов не е информиран за исходот од последната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц, информираат од неговиот кабинет и соопштуваат дека претседателот побарај извештај од МНР за преговорите за името.

ИЗРАЕЛ - Соединетите држави официјално ја преселија својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим. Оваа одлука предизвика задоволство во Израел, но и бес кај Палестинците, некои американски сојузници и пошироката меѓународна заедница.

ПАЛЕСТИНА - Најмалку 16 Палестинци беа убиени од израелската војска во близина на границата на Појасот Газа. Исламистичкото движење Хамас кое владее со Газа од 2007 година ги предводи масовните протести во последните шест недели кои имаат за цел да се стави крај на блокирањето на територијата од страна на Израел, која се одвива повеќе од една деценија.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин на новоизбраниот ерменски премиер Никол Пашинијан на нивната средба во Сочи му посакал успех на функцијата и изразил надеж дека билатералните односи меѓу двете земји ќе се развиваат на стабилен начин како и досега.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Шефот на британската разузнавачка агенција МИ5, Ендру Паркер ја обвини Русија дека се обидува ги поткопа западните демократии со ширење на дезинформации и лаги. Во неговото прво обраќање во Берлин како шеф на агенцијата, тој порача дека Британија не сака ескалација на односите со Русија, но како што наведе, не се прифатливи неодамнешните агресивни и штетни дејствија на земјата.

СИРИЈА - Деветтата рунда на мировните преговори за Сирија под покровителство на Иран, Русија и Турција започна во главниот град на Казахстан, Астана. На преговорите нема да учествува делегација на САД, иако во минатото тие беа присутни.