Командант Хоџа се повлече, ВМРО-ДПМНЕ го напаѓа Вице, Сирија ќе го напаѓа Израел...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека е добро што се направиле исчекори во спорот за името, кои се огромни. Тој за време на посетата на Охрид изрази надеж дека за она што е останато за крај, а е многу сериозно и важно, ќе се изнајде решение кое ќе го почитува достоинството на двете земји и идентитетот на граѓаните. Тој порача дека Владата останува максимално посветена на процесот, но очекува поддршка и од опозицијата.

МАКЕДОНИЈА - Од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека фирмата Тотал Инжинеринг во сопственост Вице Заев, на братот на премиерот Зоран Заев, на 24 април добила концесија за експлоатација на минерални суровини на локација во село Дукатино, општина Василево.

МАКЕДОНИЈА - Џезаир Шаќири, алијас командант Хоџа изјави дека ја напушта функцијата, надворешен соработник на премиерот Зоран Заев за борба против радикализмот. Причината за неговата одлука, како што наведува во изјава за МИА, е фактот што медиумите во Македонија кренале преголема врева.

САД - Лидерот на американската Централна команда, генералот Џозеф Вотел изјави дека талибанците во Авганистан не можат да победат по воен пат и покрај серијата нивни напади во изминатиот период и затоа ги советува да седнат на преговарачка маса.

ИРАН - Иранските власти ги осудија израелските ракетни напади врз ирански цели во Сирија. Во првата официјална реакција за инцидентот според властите, Сирија има право да се брани себе си од агресијата на Израел.

ТУРКМЕНИСТАН - Дописничката на Радио Слободна Европа од Туркменистан Солтан Ахилова повторно била приведена од безбедносните сили на таа земја. Инцидентот се случил на 9 мај кога 68- годишната Ахилова ја сликала церемонијата на положување венец на Вечниот пламен во близина на Меморијалниот центар на жртвите од Втората светска војна. Таа притоа била запрена од неколку лица по што била приведена и било барано од неа да ги избрише снимките. Откако одбила, насилно и бил земен фотоапаратот и избришани сликите. По два часа во притвор таа била ослободена.

РУСИЈА - Судот во Москва го започна процесот против опозицискиот лидер Алексеј Навални за антивладините протести, но рочиштето веднаш беше презакажано за 15 мај. Навални беше уапсен на протестите на 5 мај против инаугурацијата на претседателот Владимир Путин и започнувањето на неговиот нов шест годишен мандат два дена подоцна.