Момент за името, Тензии поради нуклеарниот договор, Пукање во руско училиште...

МАКЕДОНИЈА - Државниот министер за европски прашања во германското МНР, Михаел Рот на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата изјави дека прашањето за името треба да се реши во оваа година или статус кво ситуацијата ќе продолжи со години. Според него, има волја од двете страни и може да се стигне до заеднички прифатлив компромис.

МАКЕДОНИЈА - Националниот координатор за членство во НАТО, Стево Пендаровски порача ако Македонија не добие покана за членство во НАТО, предизвик за земјата во следниот период, наспроти нечии предвидувања, нема да биде сочувување на територијалниот интегритет и суверенитет, туку развојот на демократските институции и економијата.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Германија се залага се европска перспектива на сите земји од Западен Балкан, но повтори дека тие мора да ги исполнат условите на Европската унија.

ИЗРАЕЛ / СИРИЈА - Одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече Соединетите држави од нуклеарниот договор со Иран ги зголеми тензиите на Блискиот Исток, каде што се интензивираа ракетните напади меѓу иранските сили во Сирија и израелската војска.

РУСИЈА - Еден ученик во училиште во Сибир застрелал негов соученик па се самоубил. Според руските власти, 17-годишното момче го застрелал неговиот соученик во рамо во училиштето во Барабинск, додека други двајца негови соученици скокнале од прозорец за да се спасат. Тие се хоспитализирани поради повреди на нозете. Во изминатиот период имаше неколку напади во училишта низ Русија.

КАЗАХСТАН - Полицијата уапсила демонстранти на два протести во Казахстан на кои се повика на ослободување на политичките затвореници во земјата. Демонстрантите во Астана извикувале Слобода за политичките затвореници и Срам за владата.

ИРАН / ГЕРМАНИЈА -Германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас изјави дека е од клучно значење Иран да се држи до своите обврски од меѓународниот нуклеарен договор. Според него, Русија може да го искористи своето влијание врз Техеран во однос на прашањето.

МАЛЕЗИЈА - 92-годишниот Махатир Мохамед изјави дека е подготвен да стане наредниот премиер на Малезија по победата на изборите над коалицијата која беше на власт во изминатите шест децении откако земјата прогласи независност од Британија.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп им посака добредојде на тројца американски државјани кои беа затворени во Северна Кореја. Трамп му се заблагодари на лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун за нивното ослободување.