Европска судбина, Заживуваат старите мигрантски рути, НАСА праќа ново летало на Марс...

МАКЕДОНИЈА - Ја делиме истата судбина со ЕУ, но се уште не сме на масата, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на третиот министерски состанок на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија во Солун.

МАКЕДОНИЈА - Во Македонија се одбележаа 115 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев, кој на 4 мај во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

ГРЦИЈА - Ситуацијата со бегалците и мигрантите на грчките острови станува се потензична. Дојденците се жалат на лошите услови во камповите, додека домаќините на однесувањето на мигрантите. Најтензично беше во Лезбос што го принуди премиерот Алексис Ципрас да го посети островот. Во исто време, бегалците се враќаат на старите копнени рути.

СРБИЈА - Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека нејзината земја ќе учествува на Самитот ЕУ - Западен Балкан на 17 мај во Софија. Таа порача дека српските власти ќе ја искористат секоја шанса која им е пружена за да разговараат и да ги претстават нивните решенија. Брнабиќ оцени и дека европските интеграции во регионот зависат повеќе од политичките отколку од структурните реформи.

ЧЕШКА / ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Чешкиот претседател Милош Земан изјави дека во Чешка било произведено и тестирано мало количество на отровот новичок и покрај тоа што Безбедносната информативна служба која ја истражувала можната чешка трага во аферата со труењето на екс рускиот шпион Сергеј Скрипал констатира дека немало такво нешто.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер ја повика Белгија да им додели државјанство на Британците вработени во институциите на ЕУ за да се реши нивниот статус по Брегзитот.

ХАВАИ - Повеќе од 1500 луѓе биле евакуирани од нивните домови поради вулканска ерупција на Хаваи. Според извештаите, лавата од вулканот на планината Килауеа стигнала до патот во близина на градот Пахоа.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека земјата практично ги завршила подготовките за Светското фудбалско првенство кое во идниот месец ќе се одржи во 11 руски градови.

ШВЕДСКА - Шведската академија соопшти дека Нобеловата награда за литература нема да се доделува оваа година поради неодамнешните контроверзии околу скандалот за наводно сексуално малтретирање. Според академијата, овогодинешната награда ќе биде доделена во наредната година.

САД - НАСА се подготвува за лансирање на роботизирано вселенско летало на мисија за проучување на длабоката внатрешност на Марс и откривање на сеизмичката активност под нејзината површина. Леталото Марс Инсајт се очекува да биде лансирано од воздухопловна база Ванденберг во Калифорнија.