Писмо до Столтенберг, Предупредување од Богов, Трамп сака да го напушти договорот со Иран...

МАКЕДОНИЈА / САД / БЕЛГИЈА - Обединетата македонска дијаспора соопшти дека 11, предводени од конгресменот Џим Бенкс од Индијана, испратиле писмо до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со барање за покана за полноправно членство на Македонија во НАТО. Во писмото тие наведуваатдека тоа е клучно за американските интереси на Балканот, како и за Алијансата.

МАКЕДОНИЈА - Гувернерот на Народната Банка, Димитар Богов вели дека НБРМ не смее да се остави без гувернер, оти тоа би имало низа негативни импликации. Најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се уште не кажуваат дали ќе го поддржат Богов. Јасен став има само ДУИ за која предлогот на Иванов е неприфатлив.

МАКЕДОНИЈА - Синдикатот на Еурокомпозит го прекина штрајкот и протестот пред Владата по постигнатиот договор со премиерот Зоран Заев. Претседателот на синдикатот, Роберт Богданоски изјави дека договорено е за три месеци да се решава судбината на фабриката, да се подготви пакет за технолошки вишок и вработените да земат плата до понеделник.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп решил да се повлече од нуклеарниот договор на Иран, наведува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на изјави на двајца претставници на Белата куќа. Според нив, уште не е познато како ќе го стори тоа.

СИРИЈА / РУСИЈА - Руското министерство за обрана соопшти дека воен авион се урнал во Сирија при што загинале двајцата пилоти. Според министерството, воениот авион не бил соборен, туку се урнал брзо по полетувањето од воздушната база во покраината Латакиа. Русија има повеќе од 50 воени авиони и хеликоптери во Сирија.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / САД - Британската интернет аналитичка компанија Кембриџ аналитика, фирмата која се најде во центарот на скандалот поради злоупотребата на личните податоци на корисниците на Фејсбук во политички кампањи, соопшти дека ќе прогласи банкрот. 

СИРИЈА - Сириските бунтовници го прифатиле договорот постигнат со посредство на Русија да ја напуштат територијата во близина на Хомс, трет по големина град во земјата и една од последните бунтовнички енклави во Сирија. Ова е последна во серијата капиталуции на бунтовниците во седумгодишната граѓанска војна.

ПАКИСТАН - Во Пакистан во употреба е пуштен нов аеродром по деценија од почетокот на неговата изградба. Новиот аеродром кој ќе го замени стариот Беназир Буто аеродром се наоѓа на 15 километри од Исламабад. На церемонијата на неговото отворање присуствуваше и пакистанскиот премиер Шахид Хакан. Аеродромот има капацитет од 15 милиони патници годишно и можност за понатамошно проширување.