Условот на Беса, Трамп и Ким договараат датум, Аерозагадувањето урива смртоносни рекорди, Гибсон банкротираше...

МАКЕДОНИЈА - Собранието на 45. седница ги донесе Законот за високото образование. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека нема да гласаат за Законот за високото образование бидејќи не бил прифатен ниеден од амандманите што ги поднеле. Законот предвидува посебно тело за евалуација на квалитетот на високото образование и посебно тело за акредитација.

МАКЕДОНИЈА - Движењето Беса предводено од Биљал Касами во преговорите за влез во Владата побарало да предводи едно од министерствата. Пратеникот на Беса, Фадил Зендели изјави дека Касами и во понеделникот имал средба со премиерот Зоран Заев на која му го соопштил барањето. Според Зендели, неделава треба да следува нова средба на која треба да се разговара за ресорите и за евентуалните имиња.

ГРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за телевизијата Скај изјави дека правилно направиле што го отвориле прашањето за ерга омнес, но и да не постои договор, тие нема да бидат виновни, а тоа го знае и вселената.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека до крајот на неделава ќе бидат објавени датумот и местото на неговиот состанок со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Претходно Трамп рече дека состанокот би можело да се одржи кон крајот на мај и почетокот на јуни и оти би можел да биде во демилитаризираната зона која ги дели двете Кореи. Како можна локација се разгледува и Сингапур.

ШВЕДСКА - Судењето на узбекистанскиот барател на азил Рахмат Акилов кој призна дека го спровел нападот со камион при кој загинаа 5 лица во Стокхолм, минатата година, влегува во крајната фаза.

ЕСТОНИЈА - Меѓународни воени вежби во кои се вклучени 13 илјади војници од 16 земји започнаа во Естонија. Вежбите ќе траат до 14 мај и се најголемите во балтичката земја од воспоставувањето на нејзината независност од Советскиот сојуз во 1991 година.

ИРАН / ИЗРАЕЛ / СИРИЈА - Висок ирански претставник изјави дека Иран ќе одговори на соодветно место и време на наводниот израелски ракетен напад во кој биле убиени неколкумина иранци во Сирија. Ова е прв директен одговор на нападот врз две бази на северот на Сирија во неделата за кој се верува дека го извршил Израел. Израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман, одговорајќи на најновите закани од Техеран, изјави дека Израел не се плаши и оти ќе реагира соодветно.

ЕРМЕНИЈА - Стотици луѓе го блокираа главниот автопат кој го поврзува Ереван со аеродромот како одговор на повикот за протест на опозицискиот лидер Никол Пашинијан по гласањето во Парламентот против неговото назначување на премиерската функција.

ШВАЈЦАРИЈА - Фотографија од протести против аеро-загадувањето во Србија. Светската здравствена организација соопшти дека најмалку 7 милиони луѓе годишно умираат поради загаденоста на воздухот, покажуваат последните податоци од 2016 година. Во најновиот извештај на организацијата се наведува дека 9 од 10 луѓе ширум светот се изложени на опасно високо ниво на штетни честички од загадениот воздух кои предизвикуваат рак и кардиоваскуларни заболувања.

САД - Прозводителот на гитари Гибсон прогласи банкрот откако со години имал должнички проблеми. Планот за реорганизација кој претходно бил договорен ќе и овозможи на оваа фирма да го продолжи работењето со пари од доверителите. Генерации гитарски легенди ги користеа овие гитари како Би Би Кинг, Ерик Клептон, Џими Пејџ. Фирмата стартуваше во 1894 година во Нешвил и е најголем производител на првокласни гитари. Годишно продава над 170 илјади гитари.