Првомајски протести, Нова мерка за поголеми плати, Жестоко меѓу Србија и Хрватска, Терористички напад во Нигерија...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев на прес-конференција по седницата на Економско-социјалниот совет најави нова мерка за раст на платите. Според него, станува збор за директна финансиска поддршка од 30 отсто од растот на бруто платите на работниците во трудоинтензивните дејности.

македонија / САД - Соединетите држави ги ценат чекорите кои Македонија ги презема кон НАТО и не сакаат да ја видат државата запрена пред вратите на Алијансата. Македонија и САД имаат цврсто стратешко партнерство, порачале македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска и американскиот државен секретар за одбрана Џејмс Матис, по нивната средба во Пентагон.

МАКЕДОНИЈА - Подобар закон за работни односи и подобар колективен договор, К-15 и стоп за мобингот се дел од барањата кои синдикатите на првомајските протести во Скопје ги доставија до Владата. Протестите, организирани од пет различни синдикати почнаа на пет различни места, но сепак завршија заедно пред Владата.

МАКЕДОНИЈА - Директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски, јавно ги отфрли обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека компанијата на Вице Заев вози за комбинатот. Според него, фирмите СВ Инвест од Битола и Тотал инженеринг од Струмица, не работеле, ниту во моментов работат како подизведувачи на ископ и транспорт на јаглен во РЕК Битола.

АВГАНИСТАН / САД - Соединетите држави го осудија убиството на новинари во бомбашкиот напад во Аганистан и ги обвинија милитантите за обид да ги спречат претстојните избори со тоа што вршат напади врз камен темелникот на демократијата.

ЕРМЕНИЈА - Илјадници луѓе го преплавија центарот на Ереван за на големи монитори да го гледаат гласањето во Парламентот за избор на нов премиер на Ерменија во услови на предупредувањата од опозицискиот лидер и организатор на протестите Никол Пашинијан дека владејачката партија можеби ќе се обиде да го наруши процесот.

САД - Њујорк Тајмс објави дека специјалниот советник Роберт Мулер им дал листа со прашања на адвокатите на американскиот претседател Доналд Трамп, како дел од неговата истрага за руското мешање во изборите во 2016 година.

СРБИЈА - Точно оти не сме исти, бидејќи ние не бевме на страната на Хитлер, не извршивме Холокауст, не ги принудувавме Хрватите да носат обележја какви што мораа да носат Србите и Евреите за време на Втората светска војна. Не сме исти, бидејќи ова што го прави Хрватска е чиста будалаштина, изјавил шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ како одговор на коментарот на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дека Хрватска и Србија не се исти, бидејќи во хрватскиот Сабор не се сквернави српското знаме.

САД / АЛБАНИЈА - Албанија се врати на перење пари и е земја каде се забележува раст на трговија со дрога и економскиот криминал, објави американскиот Стејт департмент во извештајот за 2017 година. Во извештајот се предупредува и на голема корупција и слаби институции во Албанија.

НИГЕРИЈА - Во два самоубиствени напади во џамија и на пазар во градот Муби, североисточна Нигерија загинале најмалку 37 луѓе, објавија новинските агенции, повикувајќи се на информации од локалните власти.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот парламент изгласа закон со кој им се овозможува на премиерот и на министерот за одбрана да решат дали да прогласат војна без свикување седница на владата. До ова доаѓа во време кога расте напнатоста меѓу Израел и некои земји на Блискиот исток.