Се заоструваат односите на релација Загреб-Белград

Претседателите на Србија и на Хрватска, Александар Вучиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ на заедничка прес-конференција во Загреб на 12 февруари 2018

Доколку Хрватска го повлече својот амбасадор од Белград, Србија повторно ќе преземе реципрочни мерки и веднаш ќе го повлече на консултации својот амбасадор од Загреб, изјави денеска српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Хрватските медиуми, повикувајќи се на владини извори, претходно денеска објавија дека доколку Белград го прогласи нивниот министер за одбрана Дамир Крстичевиќ за персона нон грата, официјален Загреб ќе одговори со повлекување на амбасадорот.

Српската Влада на денешната седница одлучи дека хрватскиот вицепремиер и министер за одбрана Дамир Крстичевиќ не е добредојден во Србија.

Мерките за реципроцитет се донесени како одговор на тоа што Хрватска на 21 април му забрани влез на министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин.