Туск и лидерите од регионот утре во Скопје на состанок на процесот Брдо-Бриони

Лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони на 3 јуни 2017 во Брдо кај Крањ

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, седум претседатели и еден премиер ќе бидат гости на претседателот Ѓорге Иванов, кој е домаќин на состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи утре во Скопје.

Како што соопштија од кабинетот на Иванов, своето присуство официјално го потврдиле претседателите на Хрватска, Колинда Грабар Ќитаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Како специјални гости на состанокот, во Скопје ќе допатуваат и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Поради состанокот ќе има зголемена безбедност во Скопје, ќе има посебен сообраќаен режим на неколку булевари, а градот ќе го надлетуваат хеликоптери.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на иницијатива на претседателите на Словенија и на Хрватска. Главната цел на Процесот е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.