Заев за Монструм, Ципрас за името, НАТО за Македонија, ЕУ за Русија...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање за случајот Монструм за петкратното убиство кај Смилковското езеро порача дека во таканаречените бомби немало конкретни докази, туку сериозни индиции за случајот. Тој истакна дека негова обврска како граѓанин, а во тоа време и како шеф на опозицијата, била комплетно да ги предаде бомбите во институција на системот, односно Специјалното јавно обвинителство.

МАКЕДОНИЈА - Градоначалникот на Атина Јоргос Каминис дојде во дводневна посета на Скопје, во текот на која со градоначалникот Петре Шилегов ќе потпише спогодба за соработка меѓу двата града. Тоа ќе биде втора средба на градоначалниците на Атина и Скопје. Тие прв пат се состанаа во главниот град на Грција во почетокот на февруари годинава. Време е подобро да се запознаеме, изјави тогаш Каминис за агенцијата МИА.

ГРЦИЈА - Грчкиот премиер Алексис Ципрас по средбата со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер порача дека неговата земја по прв пат на толку решителен начин се обидува да најде заемно прифатливо решение за името.

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг порача дека само Македонија и 29-те земји членки на Алијансата можат да одлучуваат за членството на земјата и никој друг нема збор во процесот. Пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО членките во Брисел, коментирајќи ја изјавата на рускиот амбасадор во Македонија дека земјата ќе стане легитимна цел во случај на конфликт доколку влезе во Алијансата тој одговори: Целата идеја дека Русија нема да прифати одредени земји да станат членки на НАТО е идеја на сфери на влијанија каде големите сили ги контролираат помалите држави и тоа е во контрадикција со се за што Алијансата се залага.

БЕЛГИЈА - Европската комисија директно ќе ја означи Русија дека води информациска војна. Тоа е дел од напорите на ЕУ во борбата против онлајн кампањите за дезинформирање за кои се оценува дека се закана за европската сигурност. Во нацрт документот, во кој увид имаше Радио Слободна Европа, се наведува дека: масовните онлајн кампањи за дезинформирање се користени од домашни и странски актери за сеење недоверба и креирање социјални тензии со сериозни потенцијални последици врз нашата безбедност.

СЛОВЕНИЈА - На Балканот чекаат околу 50.000 мигранти, поради што потребни се акции за координирање на работите за сузбивање илегални миграции во државите во кои сега се наоѓаат или низ кои минуваат. Ова го изјави Боштјан Шефиц, државен секретар во словенечкото Министерство за внатрешни работи по посетите на Загреб, Белград и Тирана каде што со свои колеги во изминатите два дена зборувал за состојбата и можен развој на ситуацијата.

САД - Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во обраќањето во Конгресот на САД дека национализмот и изолационизмот претставуваат закана за глобалниот просперитет. Макрон оцени дека таквата политика може да биде привлечна како привремен лек за стравувањата, но оти затворањето на вратите кон светот нема да ги изгаси, туку ќе ги разгори стравувањата на граѓаните.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Ким Џонг Ун е првиот лидер на Северна Кореја кој ќе ја посети Јужна Кореја од крајот на корејската војна во 1953 година.