Името препораката и возот за Европа, Западен Балкан дигитално во Скопје, Помпео кај Ким, Почина Барбара Буш...

МАКЕДОНИЈА - Земјата и граѓаните ја заслужија безусловната препорака. Членките на ЕУ го признаа сработеното. Овде сум за да ги најавам долгоочекуваните добри вести, да го прославиме успехот по долгите напори за надминување на кризата, истакна еврокомесарот Јоханес Хан на предавањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров во интервју за францускиот весник Ла Кроа изјави дека во идеално сценарио, решение за спорот со името може да се постигне во наредните два до три месеци. Според него, итноста за решение е диктирана од европскиот воз.

МАКЕДОНИЈА - Судот донесе одлука да ја одвои постапката за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е обвинета во случајот на СЈО Тенк, кој се однесува за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра. Нејзината одбрана претходно го достави лекарското оправдување во кое е наведено дека Јанкулоска имала ризична бременост.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека оценките од извештајот на ЕК за напредокот на Македонија не биле неочекуван успех. Но, според него, тоа треба да ги поттикне сите да дадат поголем придонес во спроведувањето на значајни реформи за почнување на преговори со ЕУ.

ГРЦИЈА - Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервју за грчкото радио 247 изјави дека е очигледно оти Македонија во јуни нема да влезе во НАТО. Според него, за да се ратификува евентуален договор за името ќе треба да поминат многу процедури, најпрвин спроведување на референдум, а потоа и негово усвојување во Собранието и тоа ќе трае до есен.

БЕЛГИЈА - Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер изјави дека препораката за отпочнување на преговори со Македонија и Албанија за приклучување кон ЕУ, не значи дека преговорите ќе почнат уште утре.

МАКЕДОНИЈА - Македонија е домаќин на Првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан на кој присуствуваат премиери, владини претставници, бизнисмени, претставници на ЕУ, на регионални организации и на академската заедница.

САД - Американските медиуми објавија дека Мајк Помпео, кој е номиниран од претседателот Трамп за нов државен секретар, откако го отпушти Рекс Тилерсон, се сретнал со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во врска со очекуваната тет-а-тет средба меѓу Трамп и Ким за нуклеарната програма на Северна Кореја. Трамп ја потврди средбата.

русија - Четири лица се хоспитализирани откако ученик ги нападнал со нож во школо во рускиот регион Башкортостан. Локални медиуми јавија дека ученикот кој биле деветто одделение прободел девојче кое скокнало од прозорец на вториот кат за да се спаси и притоа преживеало. Напаѓачот повредил уште две девојчиња и наставник и запалил една училница.

САД - Еден патник загинал, а еден е повреден кога моторот на авион кој патувал од Далас за Њујорк експлодирал и се распаднал во воздухот. Авионот Боинг 737-700 кој превезувал 149 патници итно слетал во Филаделфија. 43 годишната Џенифер Риордан е првата жртва предизвикана од несреќа на американски комерцијален лет од 2009 година.

САД - Поранешната прва дама на САД Барбара Буш почина на 92 годишна возраст, соопшти канцеларијата на нејзиниот сопруг, поранешниот претседател на САД Џорџ Буш. Тие беа во брак 73 години, а госпоѓа Буш беше една од двете први дами на САД која беше мајка на претседател - Џорџ Буш помладиот. Другата беше Ебигејл Адамс, сопруга на Џон Адамс и мајка на Џон Квинси Адамс.