Коѕијас во Охрид за името, Османи во Брисел за напредокот, Трамп на Твитер за Сирија...

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Никола Димитров по средбата со неговиот грчки колега Никос Коѕијас, во вилата Билјана во Охрид, изјави дека за дел од прашањата во надминување на разликите за спорот за името е постигнат напредок, а за дел се уште постојат разлики. За прав пат, како што рече, разговарале за временската рамка и за чекорите кои ќе се преземат доколку се постигне решение и како ќе се имплементира.

БЕЛГИЈА - Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на средбата со шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини во Брисел, го презентирал напредокот што Македонија го направила во имплементацијата на Планот 3-6-9, како и во останатите пречки на евроинтегративниот пат.

САД - Бродови на американската воена морнарица пловат кон Блискиот Исток поради зголемените тензии околу конфликтот во Сирија. До ова доаѓа по наводниот напад со хемиско оружје за кој Вашингтон ги обвинува Москва и Дамаск. Русија соопшти дека внимателно ги следи движењата на американската морнарица, а нејзин висок армиски офицер најави дека ќе распоредат воена полиција во Дума, градот каде беше изведен наводниот хемиски напад.

ИРАН / ЕУ - Ирански пратеник си прави селфи со шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини во позадина, во иранскиот парламент. ЕУ соопшти дека донела одлука да ги продолжи санкциите против Иран за уште една година. Според соопштението, мерките ќе бидат продолжени до 19 април наредната година како одговор на како што наведуваат, сериозните прекршувања на човековите права во Иран.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека нападот врз Сирија може да биде извршен набрзо или не толку брзо.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Организацијата за забрана на хемиско оружје ја потврди анализата на Британија за тоа кој вид на хемиски отров се користел во труењето на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Според соопштението, наодите се исти, но не ја посочуваат супстанцијата која била искористена, туку само дека била со висока чистота.

АЗЕРБЕЈЏАН - ОБСЕ соопшти дека на гласањето на претседателските избори во Азербејџан на кои нов мандат освои актуелниот шеф на државата Илхам Алиев имало сериозни нерегуларности и недостигала вистинска конкуренција.