Сведоштва за Крвавиот четврток, САД предупредуваат Русија се заканува, Закерберг се извини...

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието Талат Џафери во Кривичниот суд сведочеше за нападот врз пратеникот и лидер на Алијансата за Албанците Зијадин Села во Парламентот на 27 април минатата година. Како што посочи, напаѓачите извикувале: Сите ќе ве убиеме, нема да излезете од тука.

МАКЕДОНИЈА - Маваа по нас, некои со раце, некои со сталаци за камери, со столици, со компјутери. Тоа траеше два и пол часа. Села беше на крајната лева страна од групата пратеници кои бевме во ќошот од прес-центарот, изјави министерот Дамјан Манчевски, меѓу другото, во своето сведочење во случајот со нападот врз пратеникот Зијадин Села на 27 април, при насилтвата во Собранието.

САД / РУСИЈА - Американскиот претседател Доналд Трамп најави брза и енергична акција како одговор на сомневањата за нападот на хемиско оружје во Сирија. Во истовреме Русија предупреди на сериозни последици доколку дојде до западни воздушни удари врз Сирија.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Јулија Скрипал ќерката на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал е отпуштена од болницата во Британија. БиБиСи јави дека 33-годишната Јулија била префрлена на безбедна локација.

САД - Извршениот директор на Фејсбук Марк Закерберг призна дека неговата компанија била пребавна во реагирањето на руското мешање во американските избори и се извини за скандалот со приватните податоци на корисниците кои биле собирани без нивна согласност.

УКРАИНА - Украинската полиција извршила претрес во домот и канцеларијата на пратеничката Надја Савченко кој е во притвор и ја чека судење под обвинение за заговор за терористички напад на Парламентот.

СРБИЈА - Жители на Ниш излегоа на протести против промена на сопствеништвото на аеродромот од градот на државата. Демонстрантите побараа оставка од градоначалникот, кој е член на владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека планот за новиот гасовод кој ќе ја поврзува Русија со нејзината земја нема да може да се оствари доколку не се разјасни улогата на Украина како транзит пат.