Тачи: Косово ги исполни сите критериуми кои беа услов за визна либерализација

Архивска фотографија- претседателот на Косово Хашим Тачи

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека за време на неговиот последен престој во Брисел му било речено дека Косово веќе ги исполнило сите 95 критериуми, што му беа поставени како услов за добивање визна либерализација.

Тој нагласи дека Косово направило конкретни чекори за зајакнување на владеењето на правото и оти бележи напредок во борбата против корупцијата, но дека треба уште да се направи во тој правец.

На состанокот на Националниот совет против корупцијата, тој призна дека борбата против организираниот криминал и корупцијата не е лесна, но се уште има работа што треба да се направи.

Меѓу досегашните усвоени закони во борбата против корупцијата, тој го наведе кривичниот законик, законот за кривична постапка, законот за судовите, за Советот на обвинители, за полицијата, Агенцијата за спречување на корупција, Законот за спречување судир на интереси и други закони.