Еден ден со македонските „волци“, Можност за членство во НАТО, Путин изненаден, Трамп ќе ја напушта Сирија...

МАКЕДОНИЈА - Со низа активности кои имаа за цел граѓаните одблиску да се запознаат со Армијата, на плоштадот Македонија во Скопје беше организиран отворен ден. Истовремено на трибина насловена како НАТО и Ти, беше одбележан Денот на Алијансата, која беше формирана пред 69 години.

МАКЕДОНИЈА - Американскиот амбасадор Џес Бејли денеска изјави дека реалната можност Македонија наскоро да се приклучи кон НАТО е најголемата разлика кога се зборува за земјата денес во споредба со минатото.

ГРЦИЈА - Портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос изјави дека промена на уставното име на Македонија е една од правните обврски на неговата земја за да се постигне договор.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изрази збунетост околу тоа колку бргу Западот ја обвини Русија откако шефот на британската воена лабораторија Гери Ејткенхед изјави дека научниците не го утврдиле прецизниот извор на нервниот гас новичок кој беше употребен во труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

СРБИЈА - Српскиот суд осуди седум луѓе на долги затворски казни под обвинение дека испраќале пари на милитантните групи Исламска држава и Фронтот Ал Нусра и за испраќање на борци во Сирија. Затворските казни се движат од 7 ипол до 11 години. Три од осудените лица се во бегство, а еден од нив наводно бил убиен во Сирија, но не е потврдено.

КОСОВО - Европската унија го критикуваше Косово за депортацијата на шестмина Турци кои му биле политички непријатели на претседателот Реџеп Таип Ердоган, наведувајќи дека тоа го покренува прашањето за почитувањето на човековите права од страна на Приштина и на Анкара.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ги повлече војниците од Сирија и додаде дека многу набрзо ќе донесе одлука за тоа.

КИНА - Новиот министер за одбрана на Кина, генерал Веи Венгхе изјави дека своја прва посета во странство ја избрал Русија за да им испрати порака на Соединетите држави за се поблиските врски меѓу Москва и Пекинг.

РУСИЈА - Руски медиуми јавија дека повеќе од 100 лица се евакуирани од трговски центар за детски производи во Москва откако избувнал пожар во просторија за складирање на најгорниот кат. Според медиумите, едно лице загинало во пожарот.

САД - Американски медиуми јавија дека одговорна за нападот во седиштето на Јутјуб во Калифорнија е 39-годишната Насим Агдам, жителка на Санд Диего со потекло од Иран. Агдам застрела три лица вработени во Јутјуб, а потоа се самоубила.