Рускиот дипломат и шпионирал, Оптимизам пред Виена, Српска листа излегува од косовската влада...

МАКЕДОНИЈА - Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на денешната прес-конференцијата со неговата австриска колешка Карин Кнајсл изјави дека одлуката за протерување на рускиот дипломат од земјата ја донеле по внимателно размислување и анализа и поради две причини. Првата, како што посочи тој е да се покаже солидарност со Британија, поради труење со хемиско оружје на поранешниот руски двоен агент. Втората, според него, е бидејќи протераниот дипломат излегол од својот мандат.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го поднело обвинителниот акт до Основниот суд Скопје 1 против 30 лица за насилството во Собранието на 27 април, минатата година. Меѓу обвинетите има пратеници, организатори на протестот од иницијативата За заедничка Македонија и вработени во МВР.

МАКЕДОНИЈА / ГРЦИЈА - Лидерот на Независни Грци и министер за одбрана Панос Каменос изјави дека неговата партија која е коалиционен партнер во владата ќе ја спречи употреба на терминот Македонија во името на земјата.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Никола Димитров за претстојната средба во Виена со неговиот грчки колега Никос Коѕијас и со медијаторот на ОН, Метју Нимиц за спорот за името изјави дека духот и традицијата на градот можеби ќе им помогне да го поместат проблемот напред и да има нешто конкретно и видливо во насока на надминување на прашањето.

СРБИЈА - Лидерот на Српска листа, Горан Ракиќ изјави дека неговата партија излегува од косовската Влада. Тој посочи и дека 10-те општини со мнозинско српско население во Косово на 20 април ќе ја формираат Заедницата на српски општини. Според него, одлуката била донесена по консултациите со српскиот претседател Александар Вучиќ по вчерашните случувања во Митровица.

УКРАИНА - Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Украина соопшти дека повторно ќе ја воведе својата долгорочна програма за беспилотни летала по нејзиното укинување пред година ипол.

РУСИЈА - Илјадници луѓе излегоа на протести во сибирскиот град Кемерово на кои побараа оставка од регионалните власти како и одговори за пожарот во трговски центар при кој загинаа 64 лица, од кои повеќето деца.

САУДИСКА АРАБИЈА - Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија го обвини Иран дека ги снабдил Хути бунтовниците во Јемен со балистичките проектили што биле користени во нападите на Ријад за време на викендот и оти тоа заслужува соодветен одговор.