Во Варна самит ЕУ- Турција

Јункер, Ердоган и Туск (архивска фотографија)

Билатералните односи и соработката ќе бидат на дневниот ред на самитот ЕУ- Турција, кој ќе биде одржан вечер во бугарскиот црноморски град Варна. Според најавите од Брисел, на средбата ЕУ ќе ја претставуваат претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер и бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја е актуелен претседавач во Унијата, додека Турција ќе ја претставува шефот на државата Реџеп Тајип Ердоган.

Предвидено е на средбата да стане збор за можностите за унапредување на меѓусебните односи врз основа на заемно почитување и заеднички интереси, како и за состојбите во Турција, првенствено во однос на почитувањето на владеењето на правото и на основните права и слободи.

Средбата во Варна се одржува во време на зголемени тензии меѓу ЕУ и Турција во врска со спроведувањето на договорот за спречување на мигрантскиот прилив кон Европа од март 2016 година, како и поради обвинувањата од Брисел за непочитување на човековите права во Турција, по обидот за воен удар од јули 2016-та.