Слеано име тешко се прифаќа, Тортура без Мијалков, Трамп смени уште еден советник, Тензии меѓу ЕУ и Русија...

МАКЕДОНИЈА - Македонија ја отфрла идејата за слеано и непреведено име, a Грција инсистира на промена на Уставот. Ова се дел од поентите на шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас по средбата во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов останува на веќе изнесениот став за Законот за употреба на јазиците и за потпишувањето на указот за негово прогласување, јави МИА. Иванов на 14 март по повторното донесување на законот во трето читање порача дека Уставот и совеста не му дозволуваат да стави потпис на указ за прогласување на таков закон.

МАКЕДОНИЈА - Судењето за Тортура беше одложено поради отсуство на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е обвинет во предметот на СЈО. Судот, како што беше посочено, не добил доказ за уредна достава на поканата за Мијаков за денешното рочиште.

ФРАНЦИЈА - Најмалку едно лице загинало кога вооружен напаѓач отворил оган во супермаркет во југозападна Франција и се заколнал на верност на милитантната група Исламска држава.

УКРАИНА - Украинската пратеничка Надја Савченко изјави дека ќе штрајкува со глад додека судот одлучува дали ќе и изрече мерка притвор поради обвинувањата дека планирала терористички напад.

eu / rusija - Кремљ изрази жалење за одлуката на ЕУ да го повлече својот претставник во Русија откако европскиот блок донесе заклучок оти е многу веројатно дека Москва е одговорна за труењето на поранешниот двоен агент во Англија.

СРБИЈА - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека иако постојат притисоци властите никогаш нема да ја прифатат еднострано прогласената независност на Косово. Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија е подготвена да учествува во решавањето на проблемот на зрел и одговорен начини, но земјата нема да го признае постоењето на друга држава на своја територија.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп го смени советникот за национална безбедност Х.Р. МекМастер со поранешниот амбасадор во ОН Џон Болтон, кој отворено се залагаше за употреба на воена сила против Иран и Северна Кореја.