Коѕијас доаѓа со авион, Путин без честитка од Трамп, Ѓукановиќ во претседателска трка, Турција контра ОН...

МАКЕДОНИЈА / ГРЦИЈА - Од МНР соопштија дека шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на 22 и 23 март ќе престојува во дводневна посета на Македонија. За разлика од минатиот пат кога шефот на грчката дипломатија дојде со автомобил по сега преименуваниот пат Пријателство, овој пат ќе слета на скопскиот аеродром.

РУСИЈА - Кремљ соопшти дека не смета дека САД направиле непријателски чекор со тоа што американскиот претседател Доналд Трамп не му ја честита победата на Владимир Путин на изборите и новиот мандат на функцијата.

ТУРЦИЈА - ОН ја повикаа Турција да ја прекине вонредната состојба во земјата воведена по неуспешниот обид за пуч во јули, 2016 година, бидејќи тоа води кон големо прекршување на човековите права. Но, Анкара го отфрли барањето кое го нарече пристрасно и неприфатливо.

ЦРНА ГОРА - Демократската партија на социјалистите на Црна Гора го кандидира Мило Ѓукановиќ за претседател на земјата на изборите што ќе се одржат на 15 идниот месец. Ѓукановиќ изјавил дека немал намера да се кандидира, но тоа сепак го сторил за напредок на државата.

ФРАНЦИЈА - Поранешниот претседател Никола Саркози е во притвор поради истрагата за наводното нелегално финансирање на неговата кампања во 2007 година од страна на либискиот диктатор Муамер Гадафи. Саркози, според судски извори бил на распит во полициска станица во западен Париз.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп побара поостри казни за дилерите на дрога, меѓу кои и смртна казна. Тој го претстави неговиот план за борба против зависностите од опоиди.

ЈУЖНА КОРЕЈА / САД - Соединетите држави и Јужна Кореја соопштија дека заедничките воените вежби што беа прекинати за време на Зимската олимпијада во Пјонгчанг ќе продолжат на први април.

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата стои зад Британија во нејзинот спор со Русија околу труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во англиското гратче Салсбери.