Јавно ќе се гледа снимката за „Поткуп“, НАТО се сели, Путин не сака да биде 100 години на власт...

МАКЕДОНИЈА - Адвокатите на премиерот Зоран Заев на последното рочиште за Поткуп побараа од судот јавноста да присуствува на гледањето на снимките кои се дел од доказите во предметот. Според одбраната, снимките кои претходно беа објавени на јутјуб биле нецелосни. Судот го прифати барањето, а рочиштето е одложено за 26 март.

МАКЕДОНИЈА - СЈО го повлече обвинението за случајот Сопот. Според обвинителката Катица Јанева, нема доволно докази против обвинетите за делото за кое се товарат. Во случајот Сопот десет лица беа осудени за тероризам поради загинувањето на двајца полски војници и еден македонски државјанин во 2003 година кога теренско возило на НАТО нагази на мина на локалниот пат Сушево - Сопот.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека престојната посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на Скопје и преговорите со медијаторот Метју Нимиц се можност за приближување кон решавањето на спорот за името. Тој посочи дека верува оти е можно да се најде решение и е оптимист ако притоа се води сметка за достоинството и за идентитетот.

УКРАИНА / РУСИЈА - Активисти стојат пред биста на рускиот претседател Владимир Путин поставена заедно со фотографии од жртвите на боиштата каде Русија имала или сеуште има свои војници како Сирија, Чеченија... Путин вчера доби нов претседателски мандат по што изјави дека нема намера уште 100 години да остане на власт.

БЕЛГИЈА - НАТО ќе почне да се сели во новото седиште во Брисел откако тоа неколку пати беше одложувано поради технички проблеми. Селењето на околу 4 илјади луѓе најверојатно ќе потрае околу 12 недели.

САД - Од Белата куќа е соопштено дека претседателот Доналд Трамп не размислувал да му даде отказ на специјалниот советник Робер Мулер. До ова дојде по серијата Трвитер пораки на Трамп со критики за истрагата на Мулер во врска со руското мешање во претседателските избори во 2016 година и можните врски со кампањата на Трамп.

ВИЕТНАМ / РУСИЈА - Планираната посета на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Виетнам, како што јавува Франс прес, била откажана поради неочекувани причини.

ЕУ / ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Министрите за надворешни работи на ЕУ го осудија труењето на поранешниот руски шпион во Британија и посочија дека многу сериозно ги земаат во предвид наводите на земјата дека Русија стои зад нападот.