Мичел во Скопје, Прославен денот на македонските Тигри, Трамп го смени Тилерсон, Прв пат жена на чело на ЦИА...

МАКЕДОНИЈА - Со почесна смотра беше одбеежан денот на Единицата за специјални задачи - Тигар, при Министерството за внатрешни работи. Единицата е една од најобучените специјални формации во Македонија.

МАКЕДОНИЈА - Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Скопје изјави дека САД продолжуваат со поддршка за реформскиот пат на Македонија, како напорите на земјата и на Грција за изнаоѓање решение за спорот за името. Единствено трајно решение ќе биде заедничкото решение, рече Мичел.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер соопшти дека го смени американскиот државен секретар Рекс Тилерсон со директорот на Централната разузнавачка агенција Мајк Помпео. Мајк Помпео, директор на ЦИА, ќе стане наш нов државен секретар. Тој ќе направи фантастична работа. Му благодариме на Рекс Тилерсон за неговата услуга. Џина Хаспел ќе стане новиот директор на ЦИА, прва жена избрана на оваа функција, напиша Трамп на Твитер.

МАКЕДОНИЈА / ГРЦИЈА - Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас наредната недела ќе дојде во посета на Скопје, одговорија од МНР за Радио Слободна Европа. Се очекува Коѕијас на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров да му ја предаде нацрт-стратегијата која ја подготви Грција за решавање на прашањето за спорот за името.

РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров негираше дека Москва е одговорна за нападот врз поранешниот шпион Сегеј Скрипал и на неговата ќерка во Британија. Тој го отфрли и барањето на Лондон за објаснување на инцидентот.

СИРИЈА - Неколку болни и повредени цивили биле прикажани на национални медиуми во Сирија како ја напуштаат енклавата во источна Гута која е под контрола на бунтовниците. На видеото е прикажана жена која изјавува дека чекала повеќе од една година да биде евакуирано нејзиното болно дете, како и постар маж кој се движел со инвалидска количка.

ФРАНЦИЈА - Француски полицаец му помага на англиски навивач повреден за време на европското фудбалско првенство во франција во јуни 2016 година. Еден руски државјанин бил притворен во јужниот француски град Марсеј во врска со тој напад. 31-годишниот осомничен, чии име не е објавено во јавноста, доколку биде обвинет, се соочува со казна затвор до 15 години поради обид за убиство и нанесување тешки телесни повреди.

САД / СИРИЈА - Американската амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли ја предупреди Сирија дека САД се подготвени повторно да преземат воена акција поради хемиските напади врз цивили во таа земја.

САД - Републиканците во Комитетот за разузнавање на американскиот Конгрес соопштија дека соодветната комисија ја завршила истрагата за руската вмешаност во претседателските избори во 2016 година. Таа заклучила дека немало заговор меѓу Кремљ и кампањата на претседателот Доналд Трамп.

РУСИЈА - Сугестијата на рускиот претседател Владимир Путин дека Евреите и другите малцинства во Русија би можеле да стојат зад мешањето во американските претседателски избори во 2016 година предизвикаа реакции во САД. Лигата за борба против клевета изрази надеж дека Путин брзо ќе ги разјасни овие негови забелешки.