Борисов се поклони но не се извини, Новинарите побараа заштита за Селмани, Курдите бегаат пред турската војска...

МАКЕДОНИЈА - Со Марш на живите и со говори и положување цвеќе во зградата на Монополот во Скопје беа одбележани 75 години од холокаустот. Бугарскиот премиер Бојко Борисов е прв политичар од таа земја кој дојде во Македонија на одбележувањето на депортацијата во Треблинка. Тој на новинарско прашање дали ќе се извини повтори дека му се поклонува на бугарскиот народ за спасените Евреи, а другото го нарече пропаганда.

МАКЕДОНИЈА - Новинари протестираа пред Владата поради заканите против претседателот на ЗНМ, Насер Селмани од страна на висок партиски функционер на коалицискиот партнер во Владата ДУИ, Бекир Асани. Селмани од протестот порача: Врзете си ги кучињата.

ГРЦИЈА - Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас изјави дека е умерен оптимист и дека потребна е промена на Уставот на Македонија за името да биде и за внатрешна и за меѓународна употреба, но и за да се избегнат идни обвинувања дека биле прекршени уставните одредби.

НЕПАЛ - Авион кој превезувал 70 патници се урнал и запалил при слетувањето на меѓународниот аеродром Катманду, Непал при што загинале 27 лица. Патничкиот авион на авиокомпанијата УС-Бангла полетал од главниот град на Бангладеш.

СЛОВАЧКА - Словачкиот министер за внатрешни работи Роберт Калинак изјави денеска дека донел одлука да поднесе оставка од функцијата по политичките тензии предизвикани од убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак, кој ги истражување активностите на италијанската мафија во Словачка и нејзините врски со луѓе блиски до словачкиот премиер Фицо.

ЕУ - ЕУ официјално ги продолжи санкциите врз 150 руски државјани и проруски сепаратисти од источна Украина. Санкциите за прв пат беа воведени против лица кои беа вклучени во прекршување на територијалниот интегритет на Украина во 2014 година кога Русија изврши нелегална анексија на Крим.

СИРИЈА - Цивилите масовно го напуштаа сирискиот град Африн барајќи безбедност поради продолжувањето на офанзивата на турските сили против курдската милиција во северозападна Сирија.

ГРЦИЈА - Грчката Влада донесе одлука да го прекине фудбалското првенство на неодредено време по инцидентот во Солун кога сопственикот на ПАОК Иван Савидис влезе на терен за време на натпреварот на неговиот клуб со АЕК. Савидис се обиде да се пресмета со судијата, откако тој поништи гол за домаќинот во 90-та минута од натпреварот. Савидис носел и пиштол.