Курдските сили демантираат дека Африн е под турска опсада

Бунтовници од Слободната сириска армија, поддржани од Турција, во регионот Африн на 5 март 2018

Курдските Сили за заштита на народот демантираат дека турската армија го опколила сирискиот град Африн. Претходно, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека турската армија го опколила градо во северозападна Сирија и во секој момент може да почнат да навлегуваат кон неговиот центар. Турската армија заедно со сириските бунтовнички групи, што ја имаат поддршката на Анкара, на 20 јануари почна воена операцијата против Силите за заштита на народот на сириските Курди во реонот на Африн. Цел на операцијата, наречена „Маслиново гранче“, според Анкара, е потиснување на борците на Силите за заштита на народот од реоните долж сириската граница кон Турција. Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК), која од 90-те години на минатиот век се бори за автономија на Курдите во Турција. ПКК се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ.