Заев на работен ручек со германскиот амбасадор Герберих

Премиерот Зоран Заев и министри од Владата на работен ручек со германскиот амбасадор Томас Герберих

Премиерот Зоран Заев придружуван од министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска имаше работен ручек со германскиот амбасадор во Македонија Томас Герберих.

Од Владата информираат дека било разговарано за официјалната посета на премиерот Заев и владината делегација во Германија и средбата на премиерот Заев со германската канцеларка Ангела Меркел.

Потврдено е од двете страни дека станува збор за реализирани важни средби на највисоко политичко ниво од двете држави, од коишто произлезе и значајната порака за целосна поддршка од Република Германија на евро-атлантските перспективи на Република Македонија и за економскиот развој на државата.

Германскиот амбасадор на средбата порачал Владата и Република Македонија како држава да ја задржат храброста и да го продолжат процесот на отпочнатите реформи и на унапредувањето на добрососедските односи што отвора перспективи за граѓаните, за младите луѓе и за економски напредок на земјата.