Меркел и Заев задоволни, ДУИ под истрага, Истрага за Кајмакчалан, Продолжени санкциите за руски претставници...

МАКЕДОНИЈА / ГЕРМАНИЈА - Македонија е поблиску од било кога во минатата деценија за решавање на спорот за името со Грција, којшто ги урна надежите на балканската земја за влез во НАТО и ЕУ, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев.

МАКЕДОНИЈА - Јавното обвинителство издаде наредба до СВР Скопје - Единица за насилен криминал да изврши проверки во Федерацијата на планинарските спортови на Македонија и во планинарското друштво Трансферзалец во однос на тоа кој, кога и како ја организирал планинарската експедиција во која загинаа планинарите Калина Велевска и Александар Миновски, кои се потребните услови за таква организација и дали се исполнети.

МАКЕДОНИЈА - Апелацискиот суд ги прифати жалбите на пратеникот Љубен Арнаудов и на организаторите на протестите за Заедничка Македонија - Борис Дамовски и Богдан Илиевски - кои се осомничени за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, со што им ја преиначи мерката притвор во домашен притвор.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека опозициската партија нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име ниту, пак, дека ќе поддржи недостоинствено решение за спорот со името.

МАКЕДОНИЈА - По претставка на Транспаренси интернешнал - Македонија (ТИ-М), Државната комисијата за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила постоење на основано сомневање за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фондови во финансирањето на ДУИ и за тоа писмено го известила Основното јавно обвинителство заради понатамошно постапување.

ЕУ / РУСИЈА - Политичка карикатура на украинскиот карикатурист Олексиј Кустовски. Амбасадорите на ЕУ го за нови шест месеци го продолжија замрзнувањето на средствата и забраните за виза на 150 руски официјални претставници и сепаратистите поддржани од Москва, велат за РСЕ дипломати на ЕУ. На листата за санкции исто така беа додадени 38 ентитети.

РУСИЈА - Русија соопшти дека ќе биде многу тешко да се подобрат односите со САД, кои паднаа на ниво кое не е забележано од Студената војна поради кризите во Сирија и Украина и обвинувањата за руско мешање во американските избори во 2016 година.

УКРАИНА - Украина соопшти дека еден од нејзините војници е убиен и седум други се повредени во судири со сепаратистите поддржани од Русија на истокот на земјата.