Лавини над реканскиот крај

Лавини и одрони на патниот правец Дебар - Маврово.

Проблемот со лавините на патниот правец Маврово – Дебар е актуелен секоја зима и засега нема долгорочно решение. Обилните вржени предизвикуваа и прекин на струјата во овој крај, што е дополнителен проблем.

И покрај одредени санации и рехабилитации на патниот правец Дебар – Маврово што беа реализирани последните две години, сепак овој патен правец е полн со опасности. И оваа зима има појава на лавини и одрони на камен и земја, што секако бара долгорочно решение. Новата лавина на патот не предизвика штети по живот, но опасноста останува да демне постојано.

„Проблемот со лавините на патниот правец Маврово – Дебар, кај бензинската пумпа на Макпетрол, останува и е актуелен, секоја зима. Така е и оваа година. Оваа лавина има неколку илјадници кубици снег, земја и дрвја. Лавините се појавуваат секоја зима на овој дел од патот и тие се опасни. Овој проблем бара решение, но решавањето на проблемот е надвор од можностите на ЈП Македонија пат“, вели раководителот на пунктот на ЈП Македонија пат во Дебар, Деар Лимановски.

Новата лавина создаде страв кај месното население, но и сите други кои го користат овој патен правец. Проблемот е доста голем, оценува градоначалникот на општината Маврово –Ростуше Медат Куртовски.

„Проблемите со одроните и лавините се редовни на патниот правец Маврово – Дебар. Проблемот со лавините треба да се реши еднаш и засекогаш. Ние како локална власт бараме долготрајно решение, бидејки има големи опасности. Исто така при обилни врнежи од снег, се појавуваат и проблемите со прекинот на електричната енергија, разговараме со надлежните конечно и овој проблем да биде надминат“, вели градоначланикот Куртовски.

Покрај опасноста од лавини на патиштата во Долнореканскиот регион, особено во близина на Манастирот „Свети Јован Бигорски“, по обилните врнежи од снег, регионот на Долна Река во општина Маврово – Ростуше останува без електрична енергија. Овој проблем е исто така голем, поради што реакциите на населението, но и на сопствениците на производствените капацитети се големи, бидејки недостигот на електрична енергија содава големи материјални штети.