Три години од првата „бомба“, Заев ќе оди кај Меркел, Почна зимската Олимпијада...

МАКЕДОНИЈА / ЈУЖНА КОРЕЈА - ЈУЖНА КОРЕЈА - Дваесет и третите Зимски олимписки игри во јужнокорејскиот град Пјонгчанг официјално беа отворени со огномет, многу светлосни ефекти и со парада на над 3.000 спортисти од 92 држави. Од Македонија ќе се натпреваруваат скијачите Ставре Јада, Антонио Ристевски и Викторија Тодоровска. Во фокусот на Олимпијадата се и неучеството на Русија поради казната по допинг-аферата на спортистите и заедничкиот настап на Јужна Кореја и Северна Кореја, кои технички се во војна.

МАКЕДОНИЈА - Пред точно три години тој почна со објавување на долгонајавуваните прислушувани разговори, т.н. бомби на СДСМ. Снимките, според СДСМ, се добиени од вработени во македонските служби, а зад прислушувањето стоеле тогашниот премиер Никола Груевски и неколку луѓе околу него. Незаконски биле прислушувани над 20 илјади луѓе, политичари, новинари, бизнисмени, претставниците на невладиниот сектор, членовите на владата, на парламентот... По три години, се уште се чека на правната држава.

МАКЕДОНИЈА / ГЕРМАНИЈА - Премиерот Зоран Заев на 21 февруари ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, срдба предвидена во рамки на посетата на македонската владина делегација на Германија која ќе ја предводи Заев, соопштија од Владата.

МАКЕДОНИЈА - Владите во Скопје и Атина треба да се фокусираат на она што ги поврзува двете држави и општества, порача градоначалникот на Атина Јоргос Каминис по средбата со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Поблиски главни градови за поблиски влади, рекоа градоначалниците.

МАКЕДОНИЈА - За 15 февруари е одложено судењето за предметот на СЈО наречен Т.Н.Т во кое обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски за уривање на комплексот Космос.

МАКЕДОНИЈА - Дијалогот меѓу Македонија и Русија го карактеризираат одржливото партнерство и повеќевековно пријателство меѓу нашите два народи, изјави рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак во Битола, на одбележувањето на денот на руската дипломатија во Светот. Шчербак рече дека во 24-годишните дипломатски односи меѓу двете земји не е забележана ниту една вмешаност од страна на руската Амбасада во Македонија, ниту на руската надворешна политика во внатрешните работи на Скопје.

САД - Соединетите држави соопштија дека сирискиот претседател Башар ал Асад мора веднаш да престане да употребува хемиско оружје и да бомбардира цивилни области. Стејт департментот изрази исклучителна загриженост поради растечкото насилство во Илдиб и во Гута во близина на Дамаск.

РУСИЈА / ТУРЦИЈА / ИРАН - Претседателите на Турција, Русија и Иран се договорија да се сретнат во Истанбул за да разговараат за конфликтот во Сирија, соопшти неименуван извор од турскиот претседателски кабинет.