Британските Лордови бараат Македонија во НАТО без решен спор, Милијарда евра за Западен Балкан, Грчки политичари во фармацевтски скандал...

МАКЕДОНИЈА / ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот Дом на лордови бара од Владата во Лондон да се заложи Македонија да стане членка на НАТО, без оглед на тоа дали ќе биде решено прашањето за името.

ГРЦИЈА - Грчкиот парламент ги објави имињата на двајца поранешни премиери меѓу кои и Андонис Самарас (На изборниот плакат на фотографијата) и осум екс министри, вклучувајќи го и гувернерот на Централната банка Јанис Стурнарас и еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос како вмешани во голем фармацевтски скандал, јави агенцијата Асошиетед прес. Швајцарскиот фармацевтски гигант Новартис, според истрагата од 2006 до 2015 година, ги подмитувал грчките функционери со цел во грчките болници да биде зголемен бројот на рецепети на негови лекови.

ФРАНЦИЈА - Државите од Западен Балкан во 2018 година ќе добијат над една милијарда евра од Европската унија за подготовки за членство, се наведува во Декларација на Европската комисија по повод прифаќањето на Стратегијата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан.

ГЕРМАНИЈА - Христијанските демократи на германската канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) и централно-левичарските социјалдемократи (СПД) постигнале договор за коалиција, со што заврши повеќе од четиримесечната политичка несигурност.

САД - Градскиот совет на Вашингтон ја преименува улицата каде што се наоѓа амбасадата на Русија во чест на сеќавање на убиениот руски опозициски лидер Борис Немцов, потег на кој Москва се жали. Шефот на Фондацијата за слобода на Борис Немцов, Владимир Кара Мурза изјави дека официјална церемонија за преименување на блокот од Авенија Висконсин во Борис Немцов Плаза, е закажана за 27 февруари, на третата годишнина од убиството на Немцов.

САД - Американските акции заздравија пред крајот на тргувањето, бидејќи скокот на цените на берзата во Њујорк помогна да биде вратена скоро половина од загубата направена ден претходно кога имаа најголем пад во изминативе шест години.

САД - Американската компанија Спајс Екс, по извесно одложување поради силен ветер, успешно ја лансира својата најголема ракета досега, а во орбитата околу Сонцето заедно со неа полета и црвен спортски автомобил Тесла. Ракетата Фалкон Хеви е лансирана од Вселенскиот центар Кенеди на Флорид. Најсилната ракета треба да овозможи носење потешки предмети, како и поброен човечки екипаж на Месечината или на Марс.