Османи: годинава да се реши името, следната е неизвесна

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи смета дека 2018 е година кога треба да се реши спорот со Грција за името, оти веќе следната година настануваат нови околности, чиј исход не може да се предвиди. „Коцките се наместени, треба да се најде решение и тоа да се материјализира во конкретни чекори. Во 2019 коцките се изместуваат. Причините за јасни. Во 2019 година цела Европа е на избори за Европскиот парламент, Грција има избори и Македонија исто така, и тешко ќе биде и внатре во државите да најдеме можност за решение. Затоа велам дека 2018. е безалтернативна“, рече Османи во интервју за емисијата „Само вистина“ на Канал 5. Според него, доколку оваа година не се пронајде решение, се влегува во еден непредвидлив период, сличен на тој по Самитот во Букурешт.