Моќните од ЕУ да помогнат за името, Ердоган приватно кај папата, Почна судењето на бомбашот од Париз...

МАКЕДОНИЈА / ГРЦИЈА - Припадници и симпатизери на грчката десничарска партија Златна зора на протест за, како што велат, заштита на името Македонија. Без компромис за името балканската стратегија на ЕУ може да пропадне, изјави поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билд, истакнувајќи дека за решавање на спорот со името неопходен е ангажман на моќните држави и институции од ЕУ.

МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Австрија, Чешка, Летонија, Ирска, Италија, Литванија, Летонија, Малта, Полска, Словенија, Словачка и Унгарија сакаат лидерите на земјите од Западен Балкан да учествуваат во самитите на ЕУ, а нивниот предлог кон крајот на јануари е предаден на Европската комисија, објавија западните медиуми.

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Бугарската академија на науките (БАН) на средба во Скопје изразиле подготвеност да им помогнат на своите влади во реализација на Договорот за добрососедство и соработка и за таа цел двете академии ќе формираат меѓуакадемска група предводена од нивните претседатели, соопшти МАНУ.

МАКЕДОНИЈА - Полицијата открила петмина мигранти, тројца Курди и двајца Сиријци, во возило управувано од лице од Скопје во близина на селото Речица, соопшти МВР, додавајќи дека на возачот му е одреден триесетдневен притвор.

МАКЕДОНИЈА - Сите амандмани за Законот за јазици се преведени, архивирани, обработени и ставени на е-Парламент, соопшти денеска Кабинетот на претседателот на Собранието. Претседателот Ѓорѓе Иванов стави вето на законот, а ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 30 илјади амандмани.

ВАТИКАН / ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретна со папата Франциско на приватна аудиенција во Ватикан, во услови на зголемено полициско обезбедување и протести забранети во поголемиот дел на центарот на Рим. Претходно на прес-конференција, Ердоган рече дека е решен да открие кој ја вооружува Курдската милиција во Сирија која тој ја смета за терористичка и најави продолжување на турската воена акција во Сирија.

СИРИЈА - Војник на Сириската ослободителна војска во градот ал Баб. Набљудувачи соопштија дека најмалку 23 цивили биле убиени откако сириските владини сили спровеле воздушни напади врз енклавата под контрола на бунтовниците во источна Гута, во близина на главниот град Дамаск.

БЕЛГИЈА - Под силно обезбедување започна судењето за главниот осомничен за нападите во 2015 година во Париз, Салех Абдеслам, во неговиот роден град Брисел. Во нападите на 13 ноември 2015 година загинаа 130 луѓе во концертната сала Батаклан, во неколку барови и ресторани кои беа во близина, како и на националниот стадион.

ГЕРМАНИЈА - Германските обвинители од градот Траунштајн побараа затворска казна за авганистански барател на азил обвинет за убиство на жена откако таа се преобратила во христијанството. Според обвинителите, убиството било како јавна егзекуција, бидејќи било извршено пред супермаркет и пред очите на нејзините две малолетни деца.

САД - Екипата на Филаделфија Иглс ја освои титулата во американската Национална фудбалска лига со победа во 52 Супербол над Њу Ингланд Петриотс од 41 спрема 33. Ова е прва титула на Филаделфија во Супербол ерата која почна во 1966 година.