Заев верува во решение за името, Три куршуми за Коѕијас, Шеќеринска во Косово, 75 тенкови за Сталинград...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот на Македонија Зоран Заев очекува до средината на годината да се најде решение за над 25-годишниот спор за името со Грција и на Самитот на НАТО во јуни да биде активирана поканата за членство на Македонија. Во изјава за бугарската телевизија Нова, Заев вели дека евентуалното решение ќе треба да биде одобрено на референдум.

МАКЕДОНИЈА / ГРЦИЈА - Ние нема да ја крстиме оваа земја. Оваа земја го содржи името Македонија и всушност за 140 земји е без непријателски склоности. Она што го правиме денес е како свадба Тоа е како жена која на нејзината свадба се прашува дали, освен своето презиме, исто така ќе го прифати и презимето на нејзиниот сопруг, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за новинаската агенција Ројтерс.

МАКЕДОНИЈА / КОСОВО - Македонија и Косово остануваат да работат на заедничката соработка во делот на обуката на офицерски кадар и оти оваа година очекува да биде потпишан Планот за соработка меѓу двете земји, изјави македонската министерка за одбрана Радмила Шеќеринска за време на посетата на Косово.

ГРЦИЈА - Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас добил писмо со закани до него и неговото семејство во кое меѓу другото пишувало: Имаме три куршуми за тебе, соопшти министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Тоскас. Тој додаде дека тоа нема да влијае на процесот на преговори за спорот за името.

ИТАЛИЈА - Меѓународната организација за миграција (ИОМ) соопшти дека за најмалку 90 луѓе се стравува дека се мртви, откако брод кој превезувал мигранти се превртел во Средоземното Море.

АВГАНИСТАН - Авганистанскиот претседател Ашраф Гани соседниот Пакистан го нарече центар на Талибанците, повикувајќи да се преземат дејствија против милитантната група. Во обраќањето до нацијата, Гани рече дека на пакистанските власти им доставиле целосна листа на бунтовниците.

КУБА - Кубанските државни медиуми известуваат дека најстариот син на поранешниот лидер Фидел Кастро извршил самоубиство на 68-годишна возраст. Весникот Гранма објави дека на 1 февруари Фидел Кастро Дијаз-Баларт кој неколку месеци бил во придружба на група доктори поради неговата состојба на длабока депресија, извршил самоубиство.

РУСИЈА - Со голема воена парада Русија ја одбележа 75 годишнината од една од најкрвавите битки во Втората светска војна - Битката за Сталинград, денешен Волгоград. Петмесечната битка за Сталинград стана симбол на советскиот отпор против нацистичката окупација и претставува пресвртен момент во Втората светска војна. Се верува дека притоа загинале над милион луѓе.