Нема преговори за идентитетот, Валкани пари на Балканот, Шефовите на руските шпиони во Вашингтон...

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Никола Димитров по средбата со медијаторот на ОН за спорот за името Метју Нимиц во Скопје порача дека Македонија за идентитетот нема да преговара. Нимиц изјави дека за такво нешто од грчката страна не станало збор и дека е пооптимист од секогаш за решавање на спорот.

БУГАРИЈА / РУСИЈА - Фотографија од пајче со круна, според новинаската агенција Ројтерс, симбол на корупцијата во Русија. Руските инвестиции на Балканот се во подем и карактеристично за овој капитал е што е од валканo потекло, а целите не се економски развој туку геопoлитички конфликт и оддалечување на регионот од западната орбита, се вели во најновиот извештај на софискиот Центар за изучување на демократија.

САД / РУСИЈА - Директорите на трите главни руски разузнавачки и шпионски агенции во изминативе денови престојувале во Вашингтон. Ова, според посматрачите, е многу невообичаено, со оглед на зголемените американско руски тензии.

АВГАНИСТАН - Авганистански безбедносен претставник соопшти дека 83 талибански борци биле убиени за време на операција на разузнавачките сили во јужната провинција Кандахар. Шефот на воените операции во областа Маиванд, Силтан Мохамад за РСЕ изјави дека десетици возила на милитантите исто така биле уништени во операцијата, за која рече дека била поддржана од воздушни напади.

БУГАРИЈА - Жена ја допира плочата од споменикот на 20.000 жртви на комунистичкиот режим во Бугарија. Бугарите масовно го одбележуваат 1 февруари како Ден на жртвите на 45-годишниот коминистички режим во нивната држава.

РУСИЈА - Спортскиот арбитражен суд ги поништи доживотните забрани за 39 руски спортисти обвинети за користење на допинг. Судот донесе одлука има недоволни докази дека 28 спортисти ги прекршиле анти-допинг правилата на Зимските олимписки игри во 2014 година во Сочи.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин нареди владата да организира спортски натпревари за руските спортисти на кои им е забранет настап на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг поради допинг-скандалот, соопшти неговиот портпарол Дмитриј Песков. Тој додаде дека натпреварувачите ќе добијат компензации исти како што вообичаено Москва ги наградува олимпијците кои добиле медали.

ОБЕДИНЕТИ АРАПСКИ ЕМИРАТИ - Во Обединетите Арапски Емирати се отвори најдолгата зип лајн во светот. Линијата е долга 2.8 километри, што е еднакво на 28 фудбалски терени. Неделава линијата, која е лоцирана во северниот дел кај границата со Оман, доби и признание како гинисов рекорд. Зип лајнот предвидено е да го возат околу 100 илјади лица годишно и иако нема возрасна граница, секој што ќе сака да се вози мора да биде најмалку 1.22 метри висок и не потежок од 150 килограми.