Време за добри средби, Дилеми за Клинички, Латас на суд, Анџелина Џоли во НАТО, Светските лидери на карневал, Скакулци ќе го „изедат“ Светското во фудбал...

ФРАНЦИЈА - Џиновски кукли со ликовите на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган снимени за време на подготовките за претстојниот карневал во Ница. Карневалот во Ница е еден од најпопуларните во светот, заедно со оние во Рио и Венеција.

МАКЕДОНИЈА - Постои дилема дали новиот Клинички центар во Скопје да се гради на постојната локација или на нова која би била во областа на Бардовци, изјави премиерот Зоран Заев. Тој рече ако Владата одлучи да не се гради Клиничкиот центар на постојното место ќе треба да плати пенали од околу 5,5 милиони евра, а ако се почне постапка за градба од сега и ја избереме втората опција, веројатно во рок од 5 години ќе можеме да ставиме камен-темелник. Вредноста на новиот Клинички центар ако се гради на нова локација е помеѓу 450 и 500 милиони евра, рече Заев.

МАКЕДОНИЈА - Кривичниот суд го одобри обвинението за предметот на Специјалното јавно обвинителство Тревник, во кој првообвинет е Драган Павловиќ - Латас за бесправна градба на три куќи во Зелениково.

МАКЕДОНИЈА - Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц пристигна во Скопје, по посетата на Атина. Тој на заминување од Атина рече дека е оптимист за решавање на спорот за името меѓу Грција и Македонија и дека сега е време за добри средби.

МАКЕДОНИЈА - Пред Собранието протестираа граѓани кои, како што рекоа, се противат на промена на името на Македонија. Протестот доаѓа во време кога во посета на земјата е медијаторот Метју Нимиц, кој посредува во спорот меѓу Македонија и Грција за името. Организаторите на протестот му порачаа на Нимиц да се повлече од посредничката позиција, оти сметаат дека спорот за името е апсурден и наметнат.

АД / ФРАНЦИЈА / РУСИЈА - Џиновска кукла со ликот на американскиот претседател Доналд Трамп снимена за време на подготовките за големиот карневал во Ница, Франција. Трамп во обраќањето на заедничката седница на двата дома на Конгресот оцени дека состојбата на унијата е силна. Тој исто така изјави дека Кина и Русија се ривалски земји на кои Америка мора да им се спротивстави со неспоредлива сила.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ (На фотографијата заедно со претседателот на Европарламентот Антонио Тајани во Белград) ја прифати поканата од хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ во средината на февруари да го посети Загреб. Кога Китаровиќ го покани Вучиќ на средба во Загреб рече дека конечно времето е созреано за средба.

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ѝ помага на актерката Анџелина Џоли да си ја земе чантата за време на заедничката прес-конференција во седиштето на Алијансата во Брисел. Џоли, која е специјален претставник на ОН за бегалци, рече дека користењето силување како оружје за војување не смее да биде прифатливо и побара од НАТО да преземе водство во одвраќањето од злосторства врз жените во конфликтните подрачја.

РУСИЈА - Скакулци може да предизвикаат проблеми кога Русија ќе биде домаќин на Светското првенство во фудбал, кое треба да се одржи летово, изјави претставникот на руското Министерство за земјоделство, Пјотр Чекмарјов. Тој, како што рече, стравува дека скакулците може да предизвикаат меѓународен скандал. Околу еден милион хектари земјиште во јужна Русија било нападнато од скакулци, вклучително и земјиште околу Волгоград, еден од градовите домаќини на Светскиот куп, велат од Министерството. Од таму велат дека е важно да не се срамотат пред светот.

САД / ИНДИЈА / РУСИЈА / АВСТРАЛИЈА - По 36 години се споија три необични лунарни појави - Супермесечина, Сина Месечина и целосно затемнување на Месечината. Овој редок феномен најдобро се гледаше од Северна Америка, Азија, од земјите од Блискиот Исток, Русија и од Австралија. Мал дел од овој феномен можеше да се види и од Европа.