Почна судењето за ТНТ, Путин мечтае за СССР, Странски влијанија во Западен Балкан, Цирих со факели против Трамп...

МАКЕДОНИЈА - Во Кривичниот суд почна судењето за уривањето на станбениот комплекс Космос, предмет на СЈО познат како ТНТ. Обвинетите, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, се изјаснија за невини. Судењето се снима тонски и визуелно.

САД - Директорот на ЦИА Мајк Помпео изјави дека рускиот претседател Владимир Путин секој ден се будел со две мисли: Првата - Да ја врати славата на поренешниот Советски Сојуз и другата - Пак да биде избран за претседател на Русија.

БУГАРИЈА - Западен Балкан е најважен приоритет на шестмесечното претседателство со ЕУ, потврди бугарската министерка за надворешни работи Екатарина Захариева. Таа предупреди дека во Западен Балкан постојат странски фактори кои имаат силно влијание врз некои земји, но оти одговорноста за тоа ја има ЕУ бидејќи, како што вели, не била доволно ангажирана во регионот.

ШВАЈЦАРИЈА - Илјадници луѓе учествуваа на протестите во Цирих против посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Швајцарија за да учествува на годинашниот состанок на Светскиот економски форум. Протести имаше и во Давос.

САД - Директорот на ЦИА Мајк Помпео во врска со Северна Кореја изјави дека нејзината нуклеарна програма станува се поопасна за САД оти Пјонгјанг се обидува да развие способност за покренување симултани напади. Според Помпео, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун сакал да го искористи оружјето за остварување на неговата главна намера, власт врз двете Кореи.

ПАКИСТАН - Пакистанските власти велат дека во наводен напад со дрон на САД врз куќа во близина на авганистанската граница се убиени двајца милитанти од екстремистичката мрежа Хакани. Пакистанската канцеларија за надворешни работи го осуди нападот во нивната територија, наведувајќи дека целта била авганистански бегалец во Курам.