Сите гледаат во Заев и Ципрас, Тепање новинари без казна, Терористички напад во Кабул, Затворен финансиерот на противникот на Путин...

МАКЕДОНИЈА / ГРЦИЈА - Владата на Република Македонија продолжува искрено да ги гради мерките на доверба со Република Грција со цел достоинствено да се придонесе кон решенија на отворените прашања во интерес на граѓаните на двете земји, соопшти МНР. Оттаму потенцираат дека за жал се уште се случуваат инциденти како оној на вчерашните протести во Солун. Грчките медиуми наведуваат дека сега сите погледи се насочени кон средбата Ципрас - Заев во Давос на која се очекува да биде разгледан пакетот на Нимиц.

МАКЕДОНИЈА - Новинарите во Македонија работат во небезбедни услови, тепани, киднапирани и навредувани, а институциите не успеваат да казнат ниту еден од насилниците, соопшти ЗНМ објавувајќи извештај за состојбата на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија во 2017 година.

РУСИЈА - Судот во Москва нареди затворање на фондацијата која беше бедем на претседателската кампања на опозицискиот политичар и голем критичар на Путин, Алексеј Навални. Окружниот суд Машчански ја издаде наредбата, откако Министерството за правда на почетокот на овој месец поднесе тужба до судот да ја затвори фондацијата Петтата сезона од годината.

ИЗРАЕЛ - Американскиот потпретседател Мајк Пенс, за време на посетата на Израел, изјави дека САД во 2019 година ќе ја отворат нивната амбасада во Ерусалим. Членови на арапскиот парламентарен блок, кои како и останатите Палестинци, сметаат дека Ерусалим е нивни главен град, протестираа за време на говорот на Пенс во Парламентот, а еден од нив беше изнесен од салата од страна на обезбедувањето.

ГЕРМАНИЈА - Германските социјалдемократи гласаа за започнување формални коалициски разговори со конзервативците на канцеларката Ангела Меркел. Со тоа најголемата економската сила на Европа е на чекор поблиску до стабилна влада по неколкумесечни политички ќор-сокак.

РУСИЈА - Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во интервју за весникот Комерсант, изјави: Нивото на русофобијата во западните земји е повисоко отколку што беше во врвот на Студената војна. Во тоа време имаше некои правила, некаков декор. Сега сето тоа е настрана.

ДАНСКА - Шпанскиот државен обвинител вели дека побарал од Врховниот суд да издаде европска потерница за апсење на поранешниот лидер на Каталонија, од страна на властите во Данска. Потегот следи откако авионот на Карлес Пучдемон слета на аеродромот во Копенхаген.

СИРИЈА - Дете му става маска со кислород на бебе во болница во градот Доума, источно од Дамаск, за каде неколку невладини организации инфомираа дека владините сили извршиле напад со хемиски средства, и во кој напад, наводно, биле задушени 21 лице, меѓу кои и деца и бебиња.

АВГАНИСТАН - Авганистански претставник за безбедност изјави дека најмалку 30 лица се убиени во нападот врз хотелот Интерконтинентал во Кабул од страна на талибанските милитанти, и предупреди дека бројот на жртвите може да биде поголем.