Судири во Атина по најновите мерки за штедење

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Судири пред грчкиот парламентот

Демонстранти се судрија со полицијата пред грчкиот парламент во кој пратениците гласаа за одобрување на нови строги мерки на штедење.

За време на гласањето на законот кој содржи повеќе од 1.500 страници, полицијата се судри со демонстрантите кои фрлаа камења и молотови коктели.

Демонстрантите, исто така, ја прскаа полиција со црвена боја, а таа употреби солзавец за да ги растера на скалите пред зградата на парламентот.

Не се пријавени апсења на демонстранти или повредени.

Претходно, во Атина и Солун околу 20 илјади луѓе маршираа против владата.

Еден од нив Илијас Кациотис вели:

„Ние, постарата генерација, пролеавме крв за да стекнеме право на штрајк, за ние, работниците, народот, да имаме глас. Нема да седиме на каучот со прекрстени раце, никако, ќе им ги срушиме нивните планови“.

Невработената Амалија Јордану пак додава:

„Имам две невработени деца, мојот сопруг е невработен и јас исто така сум невработена, па колку повеќе може мојот живот да се промени? Ние го достигнавме дното, тие нè скршија“.

Реформите беа одобрени со 154 наспроти 141 глас од пратениците.

Тие вклучуваат построги услови за синдикатите да организираат штрајкови, воведување нов електронски процес за запленување имот за задоцнети заеми и долгови кон државата и намалување на семејните бенефиции.

Мерките беа побарани од страна на меѓународните заемодавци за да може Грција да добие дополнителна финансиска помош од околу 6,5 милијарди евра.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас чија партија Сириза потекнува од левичарскиот работнички активизам во парламентот изјави дека правото на штрајк не е укинато.

„Правото на штрајк продолжува да биде света победа на работничката класа, тоа не е ни укинато ни загрозено од оваа влада“.

Од друга страна, лидерот на опозициската „Нова демократија“ Кириакос Мицотакис изјави:

„Вашите политики и понатаму ги тера инвестициите, наместо да ги привлекува. До сега докажавте дека сакате да ја ширите сиромаштијата, дури и кога граѓаните бараат раст и просперитет“.