Ни требаат ли избори во 2018, Бомби во Кабул и Санкт Петербург, Ќе се активира ли ОВК, Доаѓа Годината на кучето...

МАКЕДОНИЈА / САД - Американскиот конгрес наложи да се направи анализа за безбедносната соработка меѓу Западен Балкан и Русија од 2012 година до сега, но и на регионот со САД. Тоа, според експертите се должи на интересот на САД за Западен Балкан. Од Министерството за одбрана велат дека никој досега не побарал информации во врска со анализата.

МАКЕДОНИЈА - Очекувањата се дека треба да се надминат сите превирања внатре во политичките партии и првите работни денови во новата година, од 9 јануари па натаму, Собранието да биде во полн состав со учество на опозицијата и сите политички партии, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој истакна дека на Македонија во 2018 година не и требаат нови избори.

КОСОВО - Првото апсење по налог на Специјалниот суд повторно ќе ја активира Ослободителната војска на Косово (ОВК), изјави братот на косовскиот премиер и пратеник Даут Харадинај, пренесоа косовските медиуми. Инструментот ОВК повторно ќе се активира на Косово кога ќе почнат апсењата по налог на Специјалниот суд, истакна Харадинај.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека експлозијата во еден супермаркет во Санкт Петербург при што беа ранети десетина луѓе, била терористички чин. Истрагата потврди дека експлозијата била причинета од рачно изработена бомба со сила од 200 грама ТНТ. Официјална Москва пред десетина дена соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин го повикал американскиот претседател Доналд Трамп за да му заблагодари поради дојавата на ЦИА со која била спречена серија бомбашки напади во Санкт Петербург.

АВГАНИСТАН - Авганистанското министерство за внатрешни работи соопшти дека најмалку 40 луѓе биле убиени и 30 ранети во експлозии на бомби во шиитски културен центар во Кабул. Талибанците демантираа дека нивна милитантна група била инволвирана во денешното крвопролевање. Се прецизира дека најпрвин бомбаш самоубиец се разнесол во Центарот по што се слушнале и две експлозии во околината.

ГРЦИЈА - Малата крајно десничарска организација Група на народни борци ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад врз Апелацискиот суд во Атина на 22 овој месец во кој беше причинета голема материјална штета, но немаше повредени. Групата народни борци соопшти дека го извела нападот врз Судот во знак на протест поради пристрасноста на судиите кои во неколку познати процеси пресудиле во полза на богатите и моќните.

ТАЈЛАНД - Новороденчиња облечени во костими на кучиња во болница во Бангкок. Со маски и симболи Далечниот исток почна со пречекот на Новата година, која според кинескиот календар е Година на кучето.