Во Македонија треба помирување, Блиска средба од воен вид, Прв Божиќ без ИД, Вратоврски за „сиромашниот“ Харадинај...

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање во Собранието зборуваше за политичката криза во земјата, случувањата од 27 април, за неопходните реформи, геополитичките случувања, илегалната миграција и сајбервојувањето, за односите со седите на Македонија, прашањето за името, проблемите со загадувањето, состојбата во медиумите, законот за јазиците и за други прашања.

СИРИЈА - Сиријска христијанка со децата учествува во црковното чествување на Божиќ во Сириската православна црква во градот Камишли. Христијаните во Сирија, покрај божиќните празници, славеле и поради одлуката на Русија да воспостави постојано присуство на сили на нејзините две воени бази во Сирија: руската поморска база во Тартус и во воздушната база во Латакија.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската морнарица соопшти дека следела руски воен брод во близина на британските територијални води во Северно море. Соопштено е дека станува збор за рускиот брод Адмирал Горшков. Официјален Лондон неодамна оцени дека е зголемен бројот на руски бродови кои транзитираат низ британските води. Британскиот секретар за одбрана Гевин Вилијамсон по овој инцидент изјави дека Британија нема да толерира никаква форма на агресија. Блиската средба со рускиот воен брод е снимена и со инфра-црвена камера од британскиот хеликоптер.

ИРАК - Во новоотворената Црква Свети Ѓорѓи во ирачкиот град Телескоф, христијаните ги прославија своите божиќни традиции за првпат по три години. Овој град беше под милитантите на Исламската држава кои насилно ја раселија тамошната христијанска заедница.

УКРАИНА - Лидерот на украинското движење Партија на нови сили и поранешен претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, беше повикан на сослушување во главната дирекција на Службата за безбедност на Украина (СБУ). Саакашвили тврди дека легално е жител на Украина и дека украинските власти немаат легитимни инструменти да го екстрадираат во Грузија, каде е обвинет за злоупотреба на функцијата претседател на државата.

КОСОВО - Активистите на невладини организации, поддржани и од граѓани, на оградата пред зградата на Владата во Приштина закачија стотици вратоврски и кошули во знак на протест поради зголемувањето на платата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај. До ваквиот протест доаѓа по изјавата на Харадинај дека му требаат пари за вратоврски и кошули, како одговор на лавината реакции, откако претседателот и министрите двојно си ги зголемија платите

КОСОВО - Девојче облечено како ангел си игра во катедралата Мајка Тереза во Приштина, на ден пред католичкиот Божиќ. На само неколку дена од новогодишната ноќ, контроверзниот приштински имам Шефќет Красниќи упати апел да не се одбележува, бидејќи тоа било харам.