Кој ќе го избере Мицкоски за лидер, Џонсон за руското мешање на Балканот, Палестинците му пркосат на Трамп...

МАКЕДОНИЈА - Во Валандово се одржува дводневниот изборен конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој кандидат за претседател е Христијан Мицкоски. За конгресот да биде успешен, на него треба да дојдат две третини од 544-те делегати. Конгресот го следат големи превирања во партијата откако нејзини видни членови се побунија против, како што рекоа, форсирањето на само еден кандидат за нов лидер.

МАКЕДОНИЈА - Судењето за споениот предмет на СЈО Таргет-Тврдина, за незаконско прислушување и за уништување на опремата за прислушување, е одложено за 17 јануари. Судијката Ленка Давиткова образложи дека судењето се одложува, оценувајќи дека не се исполнети законските претпоставки за одржување на главната расправа. Маѓу обвинетите во овој предмет се поранешниот начеланик на УБК Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

МАКЕДОНИЈА - Владaта соопшти дека домаќинствата кои се исклучени од централното греење во Скопје во 2018 година ќе бидат ослободени од плаќање на паушалот. Владата наведува дека проблемот со кој се соочуваат граѓаните е предвидено да биде решен во рамки на новиот предлог Закон за енергетика.

РУСИЈА - Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон му рекол во Москва на својот руски колега, Сергеј Лавров, дека сака да разговараат за тешки теми како што е припојувањето на Крим и како што тој тврди, руското дестабилизирање на Западен Балкан. Посетата на Џонсон на Русија се случува во моменти кога односите меѓу Лондон и Москва се затегнати поради различни ставови по повод Украина и Сирија.

ИЗРАЕЛ - Израелски војници апсат Палестинец за време на масовните протести против одлуката на американскиот претседател за признавање на Ерусалим за главен град на Израел. Претседателот на палестинската власт Махмуд Абас вели дека Палестинците повеќе нема да прифатат никаков мировен план за Блискиот Исток од страна на САД.

УКРАИНА - Украинската Армија соопшти дека еден од нејзините војници е убиен, а двајца се повреден за 24 часа во источниот дел на земјата. Во соопштение на Министерството за одбрана се вели дека сепаратистите поддржани од Русија 16 пати го прекршиле прекинот на огнот, употребувајќи снајпери, митралези и минофрлачи.

АВГАНИСТАН - Шест полицајци се убиени во самоубиствен бомбашки напад во јужен Авганистан, велат официјални претставници. Девет други се повредени, петмина сериозно, во денешен напад во провинцијата Кандахар за кој одговорност презедоа Талибанците.